И со настапите на Владо Јаневски, Ристо Самарџиев, „Силви бенд“, Сашко Гигов-Гиш, Ламбе Алабаковски….Овој октомври, и тоа три полни есенски вечери, на 23, 24, и на 25. ќе се одржи 40. јубилејно издание на славниот штипски фестивал „Макфест“. На првите две вечери ќе настапат, главно, некои нови музички имиња, додека третата вечер ќе биде исполнета со голема гала-програма, а која по пат на евровизиската снимка ќе можат да ја видат и гледачите ширум Европа. На истата сцена како некогаш ќе оживеат некои од најголемите фестивалски хитови и песни победници кои го обележале животот на многу генерации. Уште од првото издание во далечната 1986 година. За идеен творец на фестивалот се смета Стојан Троицки. Човекот кој со својата визија успешно го туркаше „Макфест“ да стане и да остане заштитно име на Штип и на Македонија, а и пошироко.
Во таа третата гала-вечер ќе уживаме (и во директен пренос на МТВ) во макфестовските евергрини: „Ангели ме носат“, „Осамен“, „Не враќај се, не буди ме“, „Твоите очи сине“, „Виолина и гитара“, „Свирете ја зајди, зајди“, „Долга зимска ноќ“, „Кога те нема“, „Ѕвона ѕвонат“, „Кој да ти каже, Ивана“, „Магија“, „Чили вили“, „Кажи љубов“, „Немам одбрана“, „Врати ми го сонцето“, „Еден бакнеж“…
А, на сцената, на големо задоволство на публиката, ќе настапат и: „Силви бенд“, Олгица Христовска, Владо Јаневски, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски-Џафер, Сашко Гигов-Гиш, Антониа Гиговска, Мартинијан Кириловски, Биба Додева, Тања Кочовска, Ламбе Алабаковски… открива уметничкиот директор на фестивалот, музичарот Роберт Саздов. (Д. М.) фото:архива