„32 години сме со вас, тука и остануваме!“
Едно од најслушаните македонски (фолк) радија, со скопска адреса, Радио Зона М1, но, исто така, и едно од најслушаните по пат на Интернет, во македонската дијаспора, викендов, на гламурозен начин, го прослави својот 32. роденден.
Претходните години не беа лесни како песни, но се издржа машки. Радиото, заедно со сопствениците Марјан и Светлана Тасевски, со вработените, меѓу кои доминираше неповторливата Диџеј Бици, славеше помпезно, светски, а сепак, на свој домашен, македонски начин. Со добро одбраната македонска музика, радиото со години наназад им влегува под кожата на слушателите. И со препознатливиот слоган „32 години сме со вас, тука и остануваме!“. Се вртат песните што слушателите најмногу ги бараат, па, всушност, тие на тој начин стануваат креатори на програмата.
Има и песни од поранешната југословенска естрада, но секогаш ѝ се дава предност на македонската песна – на изворната, народната, староградската, новосоздадената, но и на забавната музика. Се промовираат и самите пејачи, особено новонадежните, кои си го бараат своето место под небото. Во сето тоа, Радио Зона М1 максимално им помага. Така што, и на забавата по повод 32. роденден видовме доста популарни пејачки имиња, меѓу кои и Лени Партикова, Блаж Маротов, Марија Петковска, Даниела Темелковска… како и актуелниот Раде Младеновски, кој со својата оригинална харизма ги крена присутните на нозе. Песната „Ракија“, чиј автор е познатиот Ристо Самарџиев, аранжманот е дело на Цане Петров, а која ја пее Раде, воедно е една од најбараните на Радио Зона М1. Не изостанаа ниту танчарките кои ја „запалија“ роденденската атмосфера.
Приказната на радиото продолжува и понатаму во наредните 365 дена. Создадено да биде народно радио, така и ќе остане. Блискоста со публиката е своевиден знак на препознатливост на радиото Зона М1. (Д. М.)












