Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија, и годинава е дел од престижната Медитеранска берза за археолошки туризам (Borsa Mediterranea del Turismo Archeologico – BMTA) што се одржува во Пестум, Италија, од 30 октомври до 2 ноември 2025 година.
„Целта на континуираното учество на оваа Берза е промоција и популаризација на нашето богато културно и археолошко наследство, а годинава и афирмација на традициите поврзани со лозарството и со винарството како дел од културниот идентитет на Тиквешкиот Регион. Ова е петто учество на Република Македонија на овој престижен меѓународен настан, што ја потврдува континуираната и плодна соработка со Република Италија во областа на заштитата и на промоцијата на културното наследство“, вели Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Македонскиот штанд, кој традиционално ги претставува највпечатливите археолошки локалитети, цркви и манастири, оваа година е збогатен и со содржини подготвени од Винскиот музеј од Кавадарци. Штандот на Управата го посети и амбасадорот на Република Македонија во Италија Н. Е. Весел Мемеди.
Инаку, Медитеранската берза за археолошки туризам е единствен настан од ваков вид во светот, под покровителство на УНЕСКО и на Светската туристичка организација (UNWTO). Таа претставува меѓународна платформа за средби, размена на искуства и развој на интеркултурен дијалог меѓу институции, музеи, универзитети, туристички оператори и професионалци од областа на културниот туризам.
„Со ова учество, Управата за заштита на културното наследство повторно ја потврдува својата заложба за активно претставување на Република Македонија на меѓународни форуми и за унапредување на видливоста на националното културно наследство како ресурс за одржлив развој и културна дипломатија“, додава Честоева.






