Триесет и двајца македонисти од нашата земја и од странство учествуваа на 12. Македонско-северноамериканска конференција за македонистика, која се одржува деновиве, во Охрид.
Основна цел на собирот се македонистичките проучувања, истражувања генерално. На почетоците од одржувањето на конференцијата, фокусот се ставаше на лингвистичките дисциплини –македонските јазик, литература и култура, но сега таа опфаќа и историја, археологија, антропологија, социологија, фолклор, уметност итн.
– Работниот дел на конференцијата вклучи шест научни сесии од различни дисциплини. Како и секоја година така и овој пат во фокусот е посебноста на македонскиот јазик и на македонската култура, неговата уникатност не само од аспект на неговото словенско потекло туку и неговиот развој како резултат на живеење во средина и со допир на различни култури и јазици – рече професорката Станислава Сташа Поповска од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, координатор на годишната конференција.
Елена Петровска, која ја координира работата на конференцијата во САД, изрази задоволство што, покрај сите збиднувања во светот, учесниците допатувале во Охрид за да ги збогатат своите знаења од сите области на македонистиката.
– Фактот што имаме учесници од странски универзитетски центри, што активно работат и истражуваат работи поврзани со македонистиката, само ја потврдува посебноста на македонскиот јазик – рече Петровска.
Дел од годинашната конференција е и докажаниот пријател на Македонија, професорот Виктор Фридман, кој беше учесник и на првиот собир одржан во Мичиген, во јуни 1991 година.
Говорејќи за посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, тој посочи дека сите конференции ја имаат во фокусот Македонија, како срце на Балканот со своите, како што рече, најинтересни и сè уште живи јазични процеси.
Во време на отворени негирања на посебноста на македонскиот јазик, професорот Фридман рече дека не треба да постои загриженост сè додека децата, додека играат, го зборуваат мајчиниот македонски јазик.
– Македонскиот јазик е жив и здрав и независно што ме „гњават“ многу Грци и Бугари, сепак, ние ќе опстоиме – рече Фридман.
Кристина Крамер, професорка што 35 години предава македонски јазик на Катедрата по славистика на Универзитетот во Торонто, истакна дека се важни овие собири за промоција на македонскиот јазик.
– Многу е важно да се собираме ние што сме од други земји, да бидеме тука заедно, малку да се јакнеме, бидејќи знаеме во кои состојби секогаш работиме. Дека треба да работиме за македонскиот јазик, нашето истражување, она што го предаваме, а истовремено цело време треба да зборуваме зошто токму македонски, зошто токму ние го истражуваме македонскиот јазик – рече Крамер.
Собирот, од 1991 година, се одржува наизменично во САД, Канада и по шести пат во Македонија, традиционално во Охрид, каде што се собираат светските македонисти од највисок ранг.