На осум километри од Скопје, на планината Водно, ова место, кое доби нов концесионер, познатиот бренд „Ла Тераца“ претендира да го врати на мапата на туристичката понуда. Комплексот има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да бидат претставени различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел. Комплексот располага и со ресторански дел, каде што на менито ќе бидат и традиционално приготвените македонски специјалитети

Комплексот „Македонско село“, по седум години, повторно ширум ги отвори вратите за граѓаните, посетителите, но и за странските туристи. На осум километри од Скопје, на планината Водно, во Горно Нерези, ова место, кое доби нов концесионер, познатиот бренд „Ла Тераца“ претендира да го врати на мапата на туристичката понуда. Комплексот има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да бидат претставени различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел. Комплексот располага и со ресторански дел, каде што на менито ќе бидат и традиционално приготвените македонски специјалитети.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченото отворање на комплексот, изрази задоволство што концесионерот собрал храброст да инвестира во еден полууништен комплекс и да го претвори во едно алтернативно ултраквалитетно туристичко место. Според него, ова е дел од пошироката стратегија за ревитализација на напуштените јавни простори, која постепено се реализира низ државава.

– Во периодот што следува, ќе се погрижиме сето она што, за жал, во изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме, повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција – нагласи Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека туризмот бележи сериозен раст и дека токму ваквите проекти имаат улога во зацврстувањето на туристичката понуда на земјава.

– Туризмот бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме особено голем раст, повеќе од 20 % споредено со тој период минатата година. Очекуваме да продолжи тој тренд – рече Мицкоски.

До комплексот има и градски превоз, но автобусите на ЈСП се ретки, па директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, рече дека очекува да се смени таа ситуација по локалните избори, со новиот градоначалник, бидејќи актуелната градоначалничка не покажала разбирање.

– Автобуски превоз има, но многу е редок. Се надевам дека со доаѓањето на новиот градоначалник на Скопје, ќе има поредовни линии, а со сегашниот градоначалник немаме баш некое разбирање за сѐ што значи држава и државност – изјави Томовски.

Според него, овој комплекс е многу значаен за Градот Скопје и за државата.

– Еден од аспектите зошто е значаен е тоа што тој е, всушност, идентитетот, културата, на нас, Македонците, на државата. Има 12 куќарки што имаат сопствена архитектура, која ја раскажува нашата многувековна историја. Отворањето на портите на овој комплекс ќе значи дополнителна туристичка дестинација, зголемен број туристи, како и зголемен број работни места – рече Томовски.

Изградбата на „Македонско село“ почна во 2011 година, во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016 година. Според официјалните податоци, во изградбата на селото, Владата вложила 5,2 милиони евра. Беа потрошени дополнителни 1,3 милиони евра за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и кантите за отпадоци.

 (А. П.)  Фото: Петр Стојановски

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ