„Македонско најдобро“ – од златните полиња до трпеза

57

„Македонско најдобро“ е нова кампања преку која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се обиде да го зајакне и зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и за автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи.

– Овој видеозапис не е само реклама туку и вистинска приказна за нашата земја, за вредните раце на нашите земјоделци и преработувачи и за богатата традиција, која ја негуваме со љубов. Низ секоја сцена од златните полиња до трпеза, прикажано е нашето домашно. Кампањата „Македонско најдобро“ ќе биде препознатлива по специфичното лого, кое, преку сонцето и почвата, нè потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни, квалитетни земјоделски производи – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Додаде дека кога се избира домашен производ, не се избира само храна или продукт туку и директно се инвестира во домашната економија и во отворањето нови работни места.

Во рамките на кампањата ќе бидат претставени активности и алатки за полесен пристап до домашните земјоделски производи. Кампањата ќе биде присутна преку сите релевантни канали како билборди, постери, флаери и преку социјалните медиуми.

Изработена е и дигитална платформа Македонсконајдобро.мк на која сите македонски земјоделци, македонски задруги, преработувачи и продажни центри ќе можат да се регистрираат и секој граѓанин ќе може лесно да го пронајде и да се информира за домашните производи.

– Оваа платформа е дизајнирана како централно место за поддршка и за промоција на домашното производство, овозможувајќи три основни вида регистрација. Првата регистрација е за земјоделците, каде што ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите земјоделски производи. Втората регистрација е за преработувачите, каде што ќе можат да ги претстават своите автентични македонски преработки. Третата регистрација е за продажните центри, каде што ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места во нашата држава, со што македонските производи ќе станат повидливи за потрошувачите – појасни Трипуновски.

Платформата ќе има и мапа преку која секој граѓанин ќе може многу лесно да најде каде да ги купи производите што му се потребни, односно преку автоматска геолокација, платформата ќе ги прикаже најблиските продажни места каде што може да се набават домашни земјоделски производи.

Има и опција за филтрирање по категорија или специфичен производ, преку кои секој граѓанин ќе може на брз начин да дојде до посакуваниот производ.

Наскоро, како што најави Трипуновски, ќе биде ставена во функција и посебна мобилна апликација, преку која граѓаните ќе може лесно да ги пронајдат и да се информираат за домашните земјоделски производи и за преработките од нив.

 

ИЗДВОЕНИ