Тимот на Македонија на овој реномиран меѓународен натпревар во програмирање го сочинуваа учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани

 

Македонските средношколци  информатичари забележаа голем успех на 32. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2025), која се одржа од 25 септември до 1 октомври во Удине, Италија. Тие освоија еден златен медал, два бронзени медала и една олимписка пофалба, информираа од Здружението на информатичари на Македонија.

Тимот на Македонија на овој реномиран меѓународен натпревар во програмирање го сочинуваа учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

– Секогаш сум среќен кога целогодишниот труд на нашите натпреварувачи резултира со плод. Дамјан и Леонид се ученици од Математичко-информатичката гимназија во Скопје, кои штотуку запишаа четврта година, а Владимир, како ученик кој само што заврши основно образование, успеа да се пласира на овој повисок натпреварувачки ранг. Со своите медал и резултат, Дамјан застана пред 64 други учесници на Олимпијадата, а Владимир го делеа само 5 поени (од можни 600) од освојување на сребрениот медал. Целогодишниот труд на членовите на Здружението, професорите и на студентите на ФИНКИ во организацијата на натпреварите и на подготовката на најдобрите ученици, е, исто така, валоризиран со овие резултати. Искажувам благодарност до Здружението „Бистри умови“ и до Општина Кочани за поддршката во организирањето на подготовките, како и на компанијата „Сорсикс“, која и сега го поддржа нашето патување во Италија – изјави претседателот на ЗИМ, проф. д-р Миле Јованов.

Покрај овие три, на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година македонските ученици освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат што е за почит и е надминат од малку поголеми држави од Македонија, велат од македонскиот тим.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) претставува елитен натпревар во програмирање за средношколците од земјите што се наоѓаат на Балканскиот Полуостров или во негова близина. Секоја земја членка на БОИ-заедницата учествува со тим што се состои од четворица натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и од лидер и заменик-лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање алгоритамски задачи во текот на два дена.

Главен организатор на годинашната БОИ беше Националната асоцијација за натпреварувачко програмирање на Италија, со поддршка од италијанската Асоцијација за информатика и автоматско пресметување. На БОИ оваа година учествуваа вкупно 48 најдобри средношколци во областа на компјутерските науки од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Во прилог на тоа, како претставници на земјите гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и 18-мина ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и од Киргистан. Во оваа силна конкуренција, златниот медал за Македонија го освои Дамјан Давков, додека бронзените медали ги освоија Владимир Грчев и Леонид Цуклев. Четвртиот натпреварувач, Виктор Максимоски, исто така доби признание, олимписка пофалба.

Македонскиот тим за БОИ 2025 беше избран преку целогодишен циклус натпревари, кои редовно се организираат од Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржаа по 36. пат. И оваа година, циклусот натпревари беше реализиран со поддршка од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и од неколку општествено одговорни компании.

Следната, 33. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026) ќе се одржи идната година, во Црна Гора. Последен настан што им претстои на македонските ученици  информатичари до крајот на оваа година е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која ќе се одржи од 24 до 30 октомври, во Ларнака, Кипар.

 

ИЗДВОЕНИ