Порталот „Глобал економи“, кој користи голем број внимателно одбрани индикатори за клучни социоекономски прашања, повикувајќи се на податоци на Светската банка, предвидува вкупната вредност на трансакциите на пазарот за дознаки во Македонија во 2025 година да достигне 495,82 милиони американски долари, а бројот на приматели на дознаки да достигне 144.520 до 2030 година. Освен што се дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата во насока на подобрување на нивниот стандард, дознаките имаат и пошироко макроекономско значење, затоа што го зголемуваат девизниот потенцијал на економијата

 

Девизните дознаки од иселениците и од лицата на привремена работа во странство се важни за македонската економија. Тие се сметаат за секундарен доход и во изминативе години бележат раст во зависност од економските случувања. Освен што се дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата во насока на подобрување на нивниот стандард, имаат и пошироко макроекономско значење, затоа што го зголемуваат девизниот потенцијал на економијата. Дознаките се битен извор на средства во тековната сметка на платниот биланс и придонесуваат  за одржување низок дефицит на тековната сметка.

Според податоците на Светска банка, во 2024 година во земјава влегле 458,15 милиони американски долари, што е пад во споредба со 2023 година, кога имало прилив од 462,46 милиони американски долари. За споредба, светскиот просек е 7117,81 милиони американски долари, врз основа на податоци од 104 земји.

– Историски гледано, просекот за Македонија од 1996 до 2024 година е 296,3 милиони американски долари. Минимална вредност од 63,24 милиони американски долари е постигната во 1998 година, додека максималната вредност од 489,64 милиони американски долари е забележана во 2021 година – покажуваат податоците на Светската банка, која ги дефинира како клучен извор на пари, особено за земја со ниски приходи.

Порталот „Глобал економи“, кој користи голем број внимателно одбрани индикатори  за клучни социоекономски прашања, повикувајќи се на податоци на Светската банка, предвидува вкупната вредност на трансакциите на пазарот за дознаки во Македонија во 2025 година да достигне 495,82 милиони американски долари, а бројот на приматели на дознаки да достигне 144.520 до 2030 година.

„Евростат“, пак, своите статистички податоци за дознаките ги кажува во евра. Така, податоците за 2023 година покажуваат дека нашите гастарбајтери дома испратиле 319,8 милиони евра, а нешто повисок износ од 332 милиони евра стигнал во Црна Гора од црногорските работници во странство. Најмногу пари дома испратиле српските работници, дури 4,6 милијарди евра, помалку хрватските – 2,25 милијарди, босанските – 1,8 милијарди, косовските – 1,3 милијарди и албанските – 1,2 милијарди евра.

Ако во 2014 година во земјава стигнале 216,29 милиони евра, во 2020 година приливот бил од 262,04 милиони евра, според податоците на централната банка.

Следната 2021 година, македонските работници како дознаки испратиле 344,45 милиони евра. Во 2023 година, работниците од странство донеле 339,97 милиони евра. Тоа се дознаки пратени од работници од странство преку официјалните канали, како банки и брз трансфер на пари. Ако се додадат на тоа и дознаките донесени во готовина преку неформални канали, кои, инаку, Народната банка ги евидентира преку нето менувачкото работење (нето-откуп на девизи од страна на менувачниците во земјава), тогаш износот на секундарен доход ќе стане многу поголем, особено имајќи го предвид фактот што во земјава стигнуваат многу повеќе пари во готовина отколку што испраќаат работниците преку банките и системите за брз трансфер. Од Народната банка често нагласуваат дека е тешко да се посочи на прецизен износ, поради поголемата застапеност на дознаките во готовина, колкава е вкупната и реална сума испратена од иселениците.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ