Македонските и балканските транспортни компании започнаа блокади на граничните премини на Балканот и кон земјите-членки на Европската унија, предупредувајќи дека новиот електронски систем за влез и излез (EES) ќе го отежне нивното работење. Причината за протестите е автоматското броење на деновите за престој во Шенген зоната, според правилото 90/180, кое иако не е ново, сега стана сериозен проблем по проширувањето на зоната на 29 држави, вклучувајќи ја Хрватска, Бугарија и Романија.
– Кога правилото се воведуваше, во Шенген беа пет држави и овие 90 дена не беа пречка. Сега има 29 земји, вклучувајќи ги и Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн, и проблемот е многу поголем – вели Билјана Муратовска, претседателка на транспортната Асоцијација Макам-транс. Таа додава дека досега деновите се броеле рачно, додека новиот систем ќе воведе автоматско броење.
Муратовска посочува дека превозниците не треба да се третираат како туристи, туку да имаат посебни визи што ќе им овозможат неограничен број на влезови и излези.
– Доколку е потребна поголема контрола или евиденција на возачите, тоа ќе се надмине со решението со мулти визите. Предлагаме да се издаваат на период од пет години, да им обезбедат неограничено влегување и излегување од државите и да не мора да се бројат деновите на престој. За жал, досега одговор нема – истакна Муратовска.
Протестите ќе траат цела недела и се однесуваат само на товарниот сообраќај, додека се прават исклучоци за камиони со лекови, жива стока или експлозиви и муниција. Освен Македонија, блокади најавија и Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Шенген-зона се состои од 29 европски држави, кои ја укинале пасошката и граничната контрола на нивните заеднички граници. Од нив, 25 се членки на ЕУ, а четири (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) се дел од Европската асоцијација за слободна трговија.
(С.Бл.)












