Пандорче АНТЕСКА
Фото: Sвонко Плавевски
Дека кучето му е најверниот пријател на човекот, секојдневно докажуваат околу 50 полициски „службеници“ од расата белгиски и германски овчар, лабрадор и ретривер, во специјалниот Центар за обука во скопската населба Хиподром. На влезот, добредојде ни покажа автентичен шарпланинец, кој, кога залаја, како да му даде знак на тимот К9. Кратко потоа, се слушна громогласен лаеж од непознатото.
Во скромните простории, нè пречека инспекторот за обука на македонската Единица за службени кучиња, Сашо Стојановски. Неговата канцеларија е полна со плакети од успесите на службените кучиња. Со жар зборуваше за подвизите на своите специфични „колеги“, кои ниту еднаш не изневериле во службата.
– Сите кучиња со кои работиме се издржливи, имаат посебен темперамент, интелект и брзина во извршувањето на задачите – вели Стојановски, кој ѝ е личен тренер на Фло, кучка од расата белгиски овчар. Во показната вежба што ја презентираше пред екипата на весникот Вечер, Фло успеа да скокне неколку метри, успешно извршувајќи ги наредбите од својот обучувач, за што на крајот беше слатко наградена.
Не може секој да им биде „колега“ на полициските кучиња, љубовта кон нив е предуслов за секој оној што ќе се зафати со оваа работа, велат во Центарот. Потенцијалниот тренер за кучиња поминува обука, па тестови, но, сепак, последниот збор го има кучето: или ќе те прифати или не. Кучињата „службеници“ се избираат од легла што и претходно давале професионалци во работата. Со кучето се работи од третиот месец од неговиот живот, носот е првиот показател дека ќе биде успешен „полицаец“, сè друго понатаму е прашање на успешната обука од човекот.
Долга е листата со завршени работни задачи на кучињата од тимот К9. Со гордост, луѓето што професионално ги надградуваат кучињата ја истакнуваат успешноста на Рон, службено куче што открило дури 15 случаи на дрога и на оружје во една година. Сепак, за оние што си го чуваат грбот со „колегата“ куче, особени се оние од спасувачкиот тим. Се сеќаваат на големата несреќа во тетовското село Шипковица, во 2015 година, кога обилните дождови предизвикаа свлечиште на земјиштето и кога однесе водата многу жртви. – Шестгодишната Бина Амета десет дена не можеа да ја најдат. Нè повикаа нас, од К9, сите беа скептични дека кучињата ќе пронајдат трага, мислеа дека е отидена накај реката Пена. Но, ние им веруваме на нашите кучиња, направија маркирање и го пронајдоа телото на девојчето таму каде што луѓето веќе го пребарувале теренот – се сеќава инспекторот Стојановски како да било вчера.
Нашиот тим од службени кучиња беше ангажиран во пронаоѓањето жртви и преживеани во големиот земјотрес што се случи во Албанија, во 2019 година, а уште се памети и германскиот овчар Кимбо, кој го пронајде армискиот капетан затрупан од снежна лавина, на гранична стража, пред 20 години.
– Кучињата ги носевме на раце до горе, имаше наврнато снег метар и пол. Кучето ја откри капата, а под неа беше телото на капетанот, кој починал од замрзнување – се сеќаваат во Центарот.
Полициските кучиња, освен што се тренираат на пространите терени во центарот во скопски Хиподром, се носат и меѓу луѓе, да ги научат илјадниците мириси, кои веднаш потоа може да ги распознаат. Крзнените колеги имаат прошетано и во градинки, киносали, трговски центри, а во иднина вработените планираат тие да бидат повидливи во заедницата, да спасуваат животи и да го спречуваат криминалот на дневна основа.
Во обуката, која трае неколку месеци, еден од важните аспекти е кучето „полицаец“ да го научи мирисот на она што треба да го открие, дрога или оружје. Ако порано го правеле тоа со помош на мокра крпа, денеска тренингот се одвива со играчка топка, а наградата значи успешно завршена задача.
Ги прашавме водичите на службените кучиња како изгледа кога се тие во вистинска работна акција, дали лаат кога ќе насетат нешто сомнително. Добивме неочекуван одговор.
– Не лаат, тие му даваат знак на полицаецот со кого работат во пар, ја креваат ногата или зацвилуваат, но не прават нешто гласно со што би му кажале на сторителот дека е откриен – објаснуваат од К9.
И, можеби, најхуманото прашање што ќе си го постави секој што ги сака животните е што кога ќе се пензионираат овие крзнени полицајци.
– Најчесто си ги задомуваат нивните тренери, луѓето со кои секојдневно ги поминуваат денот и моментите на опасност. Тие буквално се како семејство. Нивната професионална кариера завршува во деветтата година и за нашите верни и пожртвувани кучиња секогаш има место тука, во живеалиштата. Никогаш не ги напуштаме – емотивно зборува инспекторот Сашо.
На крајот од интересниот разговор, луѓето што работат во К9 гордо ни покажаа што сè можат македонските службени кучиња. Научиле послушност, следење на командите, пребарување, напад, откривање супстанции…
Кучињата се познати како најдобри пријатели на човекот, наше е да се осигуриме дека не се преоптоварени. На крајот на краиштата, среќно куче е здраво куче, велат за крај полициските службеници од К9.