Се уште нема регистрирање на македонски патници на граничните премини со Бугарија и Грција, откако Европската Унија викендов почна да го применува новиот систем за влез и излез (ЕЕС). Според граѓани кои деновиве користеле еден од премините со соседна Бугарија, им било кажано дека регистрирањето ќе започнало од јануари следната година, сега системот се применувал на аеродромите.
Иако македонските граѓани се на „ум“ работата со регистрирање да си ја завршат пред туристичката сезона во Грција, сепак весникот Вечер вчера објави дека на граничниот премин Евзони, не се врши електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани што патуваат со сопствени возила.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР), за ВЕЧЕР изјавија дека не се евидентирани никакви проблеми или застои во сообраќајот.
„Минувањето преку граничните премини, со Бугарија и Грција,се одвива без потешкотии и согласно вообичаената динамика, а нашите граѓани не пријавиле никакви проблеми“, велат од граничната полиција.
Регистрацијата на јужната граница според надлежните во првата фаза, која ја применуваат грчките погранични служби од 12 октомври, се врши селективно регистрирање, само на возачите на тешките товарни возила што влегуваат во Република Грција, и тоа во времето од 9:00 до 17:00 часот.
Во втората фаза ќе бидат електронски регистрирани патниците на редовните автобуски превозници, додека во третата и последна фаза, која треба да се применува од средината на декември 2025 година, биометриски податоци ќе треба да оставаат сите патници од трети земји што ќе влегуваат во Грција. Земјата која е дел од ЕУ, има намера пред туристичката сезона кога се чека со часови за влез, да побара помош во персонал од страна на Фронтекс, како и мобилни уреди за регистрирање на патниците што патуваат со автобуси, сè со цел ефикасно и брзо преминување на граничните премини.
Македонка која чекала на преминот Бајаково, на српско-хрватската граница, пишува на социјалните мрежи дека новиот систем не работел. Сликата што ја пренесуваат граѓаните на Босна и Херцеговина во првите денови од примена на ЕЕС е поинаква. Системот кој налага регистрација на патниците кои не се европски жители, создаде колони од автомобили на премините со Хрватска.
Најмногу негодуваат луѓето што живеат до границата бидејќи често ја користат заради работа, а сега со воведување на новиот систем се принудени да чекаат во колоната „Не ЕУ граѓани“, заедно со автобусите полини со туристи од САД, Индија…Жител на БиХ пак пишува дека бил казнет од граничната полиција со 60 евра бидејќи избрал да не застане во колоната „сите пасоши“.
Според податоците на Европол, новиот систем за влез и излез кој ЕУ почна да го применува од 12 октомври, регистрирал повеќе од 300.000 влегувања и излегувања на државјани на земји кои се надвор од Унијата. Системот е имплементиран во 29 европски земји, вклучувајќи ги и членки на Шенген зоната и неколку други придружни земји, и ќе биде целосно оперативен до 10 април следната година.
Европската полициска агенција Европол ќе има пристап до податоците на EES заради борбата против тероризмот и сериозниот криминал, вклучувајќи пребарувања базирани на биографски и биометриски податоци. Тој пристап ќе биде строго регулиран и надгледуван од Европскиот супервизор за заштита на податоци (EDPS), стои во соопштението на Европол.
EES овозможува дигитално снимање на пасошки и биометриски податоци – фотографии од лица и отпечатоци од прсти, како и датумот и местото на влез и излез на патниците. Регистрацијата ќе се одвива етапно, до април следната година, а податоците собрани од неевропските граѓани ќе се чуваат и ќе имаат важност три години. (П.А.)