Денес се навршија пет години од смртта на легендарниот српски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. Панонскиот морнар, како што се нарекуваше самиот, беше еден од најдрагите регионални музичари, човек кого го сакаа речиси сите поранешни Југословени. Навистина, кога поминаа пет години?!
Еден ден по неговата смрт, македонските обожаватели се собраа со запалени свеќи, пред платото на Универзална сала, каде што ги одржа тој најдобрите концерти пред македонската публика.
Ѓоле беше роден во Нови Сад, Србија, во семејството на Јован и Вероника Балашевиќ. Тој го помина детството во Нови Сад, на улицата „Јован Цвијиќ“. Со музика се занимаваше од основно училиште, средното училиште го напушти во трета година, затоа што, како што зборуваше, многу ги мразел предметите Математика, Физика и Хемија. Никогаш не успеа да дипломира, но не беше несреќен поради тоа. Стана дел од музичката група „Жетва“ во 1977 година, кога го имаа мегахитот „У раздељак те љубим“. Наредната година ја напушти групата „Жетва“ и ја формираше својата – „Рани мраз“, заедно со Верица Тодоровиќ, Биља Крстиќ и Бора Ѓорѓевиќ-подоцна шеф на групата „Рибља чорба“. Нивната песна „Рачунајте на нас“ стана многу популарна. Со групата „Рани мраз“ настапи и на „Сплитскиот фестивал“, пеејќи ја легендарната „Панонски морнар“ среде Јадранско Море. Тоа беше вистински феномен – да се победи тогаш на тој најдобар југословенски фестивал, на кој редовно победуваа: Тереза Кесовија, Мишо Ковач, Мики Јевремовиќ, Оливер Драгојевиќ. А, тој, со триумфот, им ги „замрси“ мрежите.
Имаше фантастична, но не многу долга кариера. Почина во 2021 година, како последица на короната, оставајќи ги во непребол своите бројни обожаватели во поранешна Југославија, од Вардар до Триглав.












