Македонските нација и идентитет не се сегашни, туку многувековни

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, остро реагираше на обидите за менување на формулацијата за македонскиот идентитет. Тој го поздрави фактот што во нацрт-верзијата првпат се споменува „посебен македонски идентитет и јазик“, но предупреди дека постојат сериозни обиди од некои европратеници да го релативизираат тој поим преку додавање на зборот „сегашен“. Мицкоски е дециден дека никогаш нема да го прифати тоа

1400

Во пресрет на гласањето за извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, закажано за во среда, политичката реторика меѓу Скопје и Софија повторно се вжештува. Долготрајните историски и идентитетски прашања дополнително се разгореа по последните амандмани предложени од бугарски европратеници, во извештајот на известувачот Томас Вајц. Додека европските институции се подготвуваат да заземат официјален став, двете земји испраќаат спротивставени пораки, обвинувајќи се меѓусебно за нарушување на духот на добрососедството и за ревизија на историјата.

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, остро реагираше на обидите за менување на формулацијата за македонскиот идентитет. Тој го поздрави фактот што во нацрт-верзијата првпат се споменува „посебен македонски идентитет и јазик“, но предупреди дека постојат сериозни обиди од некои европратеници да го релативизираат тој поим преку додавање на зборот „сегашен“. Мицкоски е дециден дека никогаш нема да го прифати тоа.

– Работната верзија на извештајот на известувачот Вајц е значајна бидејќи првпат се признава посебниот македонски идентитет. Европа сега има шанса да исправи историска неправда. Но, за жал, некои европратеници, вклучително и од сестринската партија ГЕРБ од Бугарија, предлагаат да се користи терминологијата „сегашен македонски идентитет“, што претставува сериозен обид за редефинирање на нашиот идентитет – изјави Мицкоски.

Премиерот рече дека имал интензивни разговори со неколку влијателни луѓе и во ЕП и во Брисел. Доколку се случи тоа, смета Мицкоски, ќе се потврди дека не станува збор за неколку стотини граѓани што се сметаат дека се дел од Бугарската заедница во Македонија, туку дека е обид за создавање нова, вештачка, сегашна македонска нација, која почива на корените на бугарската нација.

– Јас нема да го прифатам тоа, ќе го отфрлам и никогаш нема да го прифатам, зашто тоа нема никаква врска ниту со европските ниту со какви било вредности. Но, тоа уште еднаш покажува со какво незнаење и авантура или намера влегоа Бујар Османи или Димитар Ковачевски – рече премиерот и ја префрли вината за ваквата ситуација на својот претходник Ковачевски и на ексминистерот Бујар Османи, кои го прифатиле францускиот предлог.

Во своите обраќања изминативе денови, македонската Влада вложила сериозни напори извештајот на Европскиот парламент да го рефлектира вистинскиот историски македонски идентитет, но откако бил доставен текстот до Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), започнале притисоците и обидите за измена на содржината.

– Работевме со месеци за да се потенцираат многувековните македонски идентитет и јазик. Но, некои европратеници, под влијание на официјална Софија, се обидуваат да внесат сомнеж во тоа. Европа сега има шанса, сега нема едногласност, Европа има шанса да исправи историска неправда нанесена со прифаќањето од Бујар Османи и Димитар Ковачевски на тоа што им беше ставено на маса – рече Мицкоски.

Живковизмот живее во Софија

Претходно, изминатиот викенд, Мицкоски рече дека обидот на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев да вметне амандман со кој ќе го дефинира македонскиот идентитет како „present“ или сегашност, јасно ја вади на површина политиката на живковизмот, која, за жал, сѐ уште е жива кај дел од бугарската политичка елита.

Мицкоски изрази жалење што со последната бугарска резолуција за Македонија пратениците кај нашиот источен сосед се обидуваат да предизвикаат остра реторика кај нас, но, како што рече, државата нема да го направи тоа, туку „ќе изрази жалење и ќе повика на добрососедски односи и поддршка на добриот сосед Македонија“.

За тоа дали размислува Владата, исто така, да иницира резолуција во законодавниот дом, Мицкоски вели македонскиот Парламент има носено многу резолуции во минатото, истакнувајќи дека изминативе месеци Македонија работела на извештајот на известувачот за јасно да ги потенцира посебните многувековни македонски идентитет и јазик, сѐ до моментот додека не бил доставен во работна верзија до АФЕТ.

Тој потсети и на примерот од пописите во соседна Бугарија, според кои во 1956 година имало околу 200.000 Македонци, а до 1965 година бројот паднал на едвај 9.000.

– Тоа е суштината на спорот – асимилација. Каде исчезнаа тие Македонци? – праша Мицкоски.

Бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, деновиве потенцираше дека Македонија „губи време“ со тоа што преку лобирање во Европскиот парламент бара да се признаат нејзиниот многувековен македонски идентитет, јазикот и културното наследство, затоа што, како што изјави за БНТ, „Европскиот парламент или кој било друг парламент во светот не е научна институција што ќе дава оценки“.

Бугарските политичари сплотени, во земјава „виси“ националното единство

Минатата недела, бугарското Народно собрание, со апсолутно мнозинство од 194 гласови „за“, одобри резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Во резолуцијата, Софија потенцира дека првиот значаен чекор во врска со напредокот на Македонија кон ЕУ е „вклучувањето на Бугарите во Уставот, на рамноправна основа со другите народи во земјата“, но, исто така, бугарското Народно собрание предупредува и дека обврските наведени во европскиот компромис од 2022 година се далеку од тоа да бидат ограничени само на уставни измени, туку наведуваат дека резолуцијата содржи голем број други клучни елементи.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, изјави дека нема план Б за Македонија за спроведување на преговарачката рамка и дека нема да отстапи ниту еден сантиметар од договореното во 2022 година.

Претходно, остра реторика во македонското Собрание имаше и премиерот Мицкоски, кој порача дека додека е премиер, нема да мрдне ни милиметар во однос на позициите за уставните измени додека не види Македонец во бугарскиот Комитет за малцинства. Сепак, во време кога источниот сосед ја запечатува едногласноста во земјата во однос на земјава, политичките чинители во Македонија никако да се усогласат околу единствен став во однос на прашањата поврзани со Бугарија и со евроинтеграциите, иако и власта и опозицијата повикуваат на национален консензус.

Таква резолуција, за преговорите со Бугарија, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, едногласно беше изгласана во македонското Собрание, во јули 2021 година и во неа беа претставени нашите црвени линии, но за разлика од Бугарија, земјава не ја реафирмира оваа резолуција.

Во нацрт-верзијата на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, кој ќе се гласа утре, првпат се споменува посебен македонски идентитет и посебен македонски јазик. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ