ТВ-емисија за која со денови се (пре)раскажува!
Нашите пејачи велат дека засега немаат сретнато таква природна, насмеана, расположена и пријатна личност во естрадните кругови. – Секој што мисли поинаку за Цеца Ражнатовиќ, е во заблуда. Многу е мила, многу е комуникативна и воопшто не е препотентна!
Тие што упорно (о)зборуваат дека балканската естрадна мегаѕвезда, Цеца Ражнатовиќ, по несреќната случка со бугарското знаме на нејзиниот концерт во Македонија, веќе не ги сака нашите пејачи во свое друштво, не само што силно провоцира, туку и дебело лаже.
Дека вистината е сосем поинаква, кажува и неодамнешното големо телевизиско ток-шоу на Цеца, во кое настапија македонските пејачи Мики Секуловски, Каролина Гочева, Никола Станишиќ и Иван Милевски. Како добра домаќинка, Цеца одлично ги угости, си направија пријатен муабет, а гледачите, како што пишуваат на социјалните мрежи, максимално уживаа во нивното друштво исполнето со добра музика.
Да потсетиме дека на Никола, Мики и Иван, Цеца им беше менторка додека тие настапуваа, а некои од нив сè уште настапуваат, во „Ѕвездите на Гранд“. Велат дека таква природна, насмеана, расположена и пријатна личност засега немаат сретнато во естрадните кругови. – Секој што мисли поинаку за Цеца, е во заблуда. Многу е мила, многу е комуникативна и воопшто не е препотентна, вели Иван. Со неговото мислење се сложуваат и останатите гости што настапија во најновото издание на „Цеца-шоу“, заедно со малото интересно момче, Богдан Обрадовиќ.
Гледачите беа пријатно изненадени и од Каролина Гочева. Позната по тоа што не зборува многу-многу за својата приватност, шармантната Македонка сега беше неочекувано поинаква. На Каролина ѝ се разврза јазикот, па зборуваше и за непријатните работи што ѝ се случувале во текот на кариерата. Таа појасни дека популарноста носи и опасности за кои публиката и не знае. Раскажа дури и за некои морбидни сцени пред нејзиниот дом во Битола. Луѓето доаѓале и пред нејзината зграда во која живеела, ја чекале со часови да излезе. Но и за да ја изнервираат бидејќи, наводно, не сакала да им направи муабет. Или ѝ ѕвонеле на вратата во доцните ноќни часови за да ја преплашат. Некои отишле дотаму што ѝ оставале необично непристојни пораки на стаклата од автомобилот, понуди за брак… Каролина објасни дека, со текот на времето, научила интелигентно да се одбрани од таквите:
– Кога ќе проценам дека ситуацијата станува непријатна, тогаш тоа не сум јас. Ќе ме препознаат и ќе ми кажат дека личам на пејачката Каролина. Јас им одговарам дека сум свесна дека личам на пејачката, но дека згрешиле, дека јас не сум онаа Каролина со која сакаат да бидат. И за неколку секунди, како попарени, ќе ги снема, хахахааа…
(Д. М.) фото:ТВ-Блиц












