Македонските гастарбајтери се враќаат од Германија?!

Се затвора ли вратата за привремена работа и дополнителна заработувачка на Македонците во Германија? Моменталната ситуација во германската економија не е воопшто оптимистичка, а германските аналитичари не гледаат нејзино подобрување во блиска иднина. Тие предлагаат намалување на работната сила како една од мерките за спас на економијата. Ваквата состојба ги погоди македонските гастарбајтери кои може да останат без работа, што ќе значи и нивно враќање назад. Познавачите на состојбите на пазарот сметаат дека најголем проблем ќе имаат оние работници што немаат регулирано престој или работна дозвола за повеќе години

600

Германија не е веќе ветена земја за македонските гастарбајтери. Затворање фабрики, отпуштање работници… кризата со која веќе подолго време се соочува германската економија ја почувствуваа и Македонците кои се на привремена работа во Германија. Загрозени се работните места на многу македонски работници, а нови побарувања за ангажирање на работна сила од нашиов регион речиси и да нема. Најголем проблем ќе имаат оние работници што немаат регулирано престој или работна дозвола за повеќе години. Познавачите на состојбите на пазарот сметаат дека ако продолжи кризата, многу Македонци ќе останат без работа во Германија, а тоа ќе значи и нивно враќање назад.

Зоран Кочовски, генерален менаџер и сопственик на агенцијата „Коузон“, вели за весникот ВЕЧЕР дека е намалена потребата од вработување на нова работна сила и се укинува работниот престој на голем дел странска работна сила која е присутна во Германија.

– За жал, заради нестабилната економска ситуација во неколку сектори, Германија се соочува со затворање компании и со отпуштање работници. Исто така, значајно е намалена потребата од вработување на нова работна сила, што само по себе повлекува и укинување на работниот престој на голем дел странска работна сила која е присутна во Германија. Од она што ние го следиме во делот од македонската дијаспора која работи во Германија со дозволи за работа, сè уште нема некои тешкотии со укинување на работните дозволи, но се воочува драстично намалување на побарувањата за нова работна сила, вели Кочовски.

Според него, загрозени се работните места на многу Македонци кои работат во Германија, а новите вработувања се одложуваат.

– Речиси и да нема нови побарувања за ангажирање на работна сила од нашиот регион. Оваа ситуација статус кво се должи и на централизираното управување за интеграција на работна сила, кое како програма го има донесено германската Влада. Имено, германската влада има склучено договори за прифаќање на странска работна сила со повеќе држави од светот и преку таа форма се пополнува дефицитот на работа сила во секторите каде има потреба. Досега сите вработувања на Македонците во Германија се реализирале инцидентно т. е. преку приватни контакти или преку нас, како агенции кои имаме свои контакти со работодавци во Германија, вели Кочовски.

Кочовски смета дека најголем проблем ќе имаат оние македонски работници што немаат регулирано престој или работна дозвола за повеќе години.

– Ако кризата продолжи и понатаму, дефинитивно многу Македонци ќе останат без работа во Германија, а тоа ќе значи и потреба од нивно враќање. Но, процесот на нивно враќање нема да се случи брзо и одеднаш, туку ќе се одвива постепено. Факт е дека и Германија не е она што беше пред повеќе години и оти во оваа земја веќе не се оди на „печалба“, туку се оди да се работи и да се живее со малку повисок стандард од Македонија, појаснува тој.

Посебно треба да се истакне фактот дека германските работодавци стануваат сè попребирливи и бараат работна сила која ќе даде 100 отсто ефикасност во работењето, а не само да се добие работа. Исто така, во последниов период германските работодавачи бараат задолжително познавање на германски јазик.

Во Германија, бројот на барања за стечај минатиот месец е зголемен за 10,4 отсто во споредба со септември 2024 година. Во јули 2.197 компании повеле постапка за несолвентност, што е 13,4 проценти повеќе во однос на истиот месец од минатата година.

Најпогодени се компаниите во секторите за транспорт и складирање. Зголемувањето на бројот на банкротирани компании беше очекувано поради високите цени на енергијата, бирократијата и политичката неизвесност.

Аналитичарите сметаат падот на извозот, особено во САД, падот на индустриското производство и забавувањето на економијата, не е добро за Германија како место за водење бизнис. Поради тоа, тие сметаат дека треба да се намалат трошоците за енергија и работна сила, како и високите даночни и бирократски оптоварувања.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ