Македонските работници во Германија сè повеќе чувствуваат дека животот таму не е како порано – високите трошоци за живот, бирократијата и политичките пречки ја менуваат нивната реалност. Германија повеќе не е ветена земја за македонските гастарбајтери, кои почнуваат да се будат од германскиот сон и кои, покрај повисоките плати, размислуваат за враќање. Економски аналитичари посочуваат дека германскиот пазар на трудот сѐ уште има потреба од работна сила, особено во здравството, градежништвото и во услужниот сектор, но додаваат дека трошоците за живот, кои растат побрзо од платите кај пониско платените работници, особено ги погодуваат мигрантите, кои стартуваат од пониски позиции и без сопствен имот

 

Во 2025 година, германската индустрија забележа значителен пад на вработеноста – околу 124.000 работни места се елиминирани, особено во автомобилскиот сектор. Бројот на вработени се намали за 2,3 отсто, на околу 5,38 милиони, што е двојно поголем пад отколку во 2024 година. И покрај повисоките плати во Германија во споредба со оние во Македонија, високата инфлација, поскапувањето на енергијата и растот на кириите во големите градови ја менуваат економската реалност. Германија веќе не е ветена земја за македонските гастарбајтери.

Економските аналитичари посочуваат дека германскиот пазар на трудот сѐ уште има потреба од работна сила, особено во здравството, градежништвото и во услужниот сектор, но додаваат дека трошоците за живот, кои растат побрзо од платите кај пониско платените работници, особено ги погодуваат мигрантите, кои стартуваат од пониски позиции и без сопствен имот.

Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на агенцијата „Коузон“, вели дека поради кризата во Германија, значително е намалена потребата од вработување странци, но добро е што сè уште нема драстично отпуштање од секторите во кои има дефицит.

– Значајно е намалена потребата од вработување нова работна сила, што само по себе повлекува и укинување на работниот престој на голем дел од странската работна сила што е присутна во Германија. Од она што го следиме во делот од македонската дијаспора што работи во Германија со дозволи за работа, сè уште нема некои тешкотии со укинувањето на работните дозволи, но се воочува драстично намалување на побарувањето за нова работна сила – вели Кочовски.

Тој вели дека причината за тоа што е намалена потребата од работници од Македонија е што германската Влада има склучено договори за прифаќање странска работна сила со повеќе држави од светот и дека преку таа форма се пополнува дефицитот на работа сила во секторите каде што има потреба.

– Особено треба да се истакне фактот дека германските работодавци стануваат сè попребирливи и бараат работна сила што ќе даде 100 отсто ефикасност во работењето, а не само да се добие работа. Исто така, во последниов период, германските работодавци бараат задолжително познавање на германскиот јазик – вели Кочоски.

Оние што заминале на работа во Германија велат дека математиката не е иста како порано, односно и во Германија не се заработува како пред десет години. Ако заработувате 2.000 евра нето, а плаќате 1.200 за кирија и режиски трошоци, плус здравствено, транспорт, храна, осигурување… на крајот од месецот ви останува многу малку или речиси ништо.

Дел од македонските работници веќе размислуваат за враќање, затоа што во Германија не е веќе толку добро како што очекувале. Дополнително, административните процедури, интеграцијата, јазичната бариера… сè повеќе ги одвраќаат Македонците од германскиот сон.

Сепак, податоците од Институтот за економски истражувања  покажуваат дека Германија се соочува со огромен недостиг на квалификувани работници – од медицински сестри до ИТ- специјалисти, но бирократијата и политичките пречки го забавуваат вработувањето странци.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ