Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, стана полноправна членка на Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), беше соопштено на Генералното собрание на организацијата. Со ова членство, Македонија прави значаен исчекор кон интеграција во европскиот систем за издавање, пренос и признавање на гаранции за потекло на електрична енергија произведена од обновливи извори.

Процесот се реализира паралелно со активностите што ги спроведуваат Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Секретаријатот на Енергетската заедница, со цел взаемно признавање на гаранциите за потекло меѓу земјите од Европската Унија и државите членки на Енергетската заедница.

На Генералното собрание присуствуваа генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и Денко Рафајловски, раководител на Службата за поддршка на обновливи извори на енергија, заедно со претставници на национални издавачки тела, оператори на пазари на електрична енергија, регулатори и институции од повеќе европски држави.

Ѓорѓиевски истакна дека полноправното членство во AIB претставува клучен чекор кон приклучување на македонскиот систем кон Европскиот систем за енергетски сертификати – EECS, што ќе овозможи сигурно, транспарентно и меѓународно признато издавање и тргување со сертификати за зелена електрична енергија.

– Интеграцијата на домашниот електроенергетски пазар со европскиот отвора нови можности за производителите на електрична енергија од обновливи извори, снабдувачите и компаниите кои сакаат да потврдат дека користат зелена енергија согласно европските ESG и декарбонизациски стандарди. Членството во AIB ќе придонесе за зголемување на довербата, конкурентноста и атрактивноста на македонскиот пазар на обновлива енергија – изјави Ѓорѓиевски.

Во април годинава, МЕМО, во соработка со компанијата Grexel, успешно го имплементираше електронскиот систем за Регистарот на гаранции за потекло, усогласен со правилата на EECS и стандардите на AIB.

Според Рафајловски, од воспоставувањето на системот досега се издадени 500 илјади гаранции за потекло на електрична енергија. Секоја гаранција претставува еден мегават-час електрична енергија произведена од обновливи извори и овозможува транспарентно следење на потеклото на енергијата – од производителот до крајниот потрошувач.

– Гаранциите се важен инструмент за промоција на обновливите извори на енергија и обезбедуваат сигурност и избор за потрошувачите во однос на изворите на енергија. AIB овозможува транспарентен и ефикасен трансфер на зелени сертификати меѓу државите преку поврзување на националните регистри со AIB Hub – посочи Рафајловски.

Тој потсети дека МЕМО минатата година стана член-набљудувач на AIB, што беше првиот чекор кон полноправното членство и предуслов за воведување гаранции за потекло кои ќе бидат признати и тргувани на пазарите во Европската Унија.

ИЗДВОЕНИ