Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, вели дека моментално работи на тоа филмовите што живеат на фестивалската сцена да допрат до публиката. – Сакам да споменам дека нешто што ќе го засилиме како контрола е продуцентите, кога ќе завршат со фестивалското прикажување на филмот, да го понудат за бесплатно прикажување на Македонската радио-телевизија, што е законска обврска. Доколку не го понудат филмот за прикажување, значи имаат можност да добијат забрана за финансирање од 10 години. Многу сериозно ќе се сфати тоа, бидејќи ако не живее во кино, филмот треба да биде достапен на телевизија, ако не биде достапен на телевизија, треба да биде достапен на онлајн платформи – истакна Мицевски

 

Колку публиката, особено младите во Македонија, може да се привлечат во киносалите? Што се случи со кинокултурата што цветаше во главниот град во 90-тите години на минатиот век? Зошто нема кина во Скопје? Дали македонските филмови стигнуваат до домашната публика, и ако не, зошто е така тоа? Што може да направат филмаџиите и релевантните институции во државата за се врати публиката во кината? На овие теми, деновиве, на прес-конференција на која беше најавен уште еден успех на македонската кинематографија, а се однесуваше на македонскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ, кој ќе има светска премиера на претстојниот Берлински филмски фестивал, се произнесоа продуцентот Томи Салковски и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Како што посочи Салковски, колку и да се продуцираат добри филмови, жално е што во Македонија, особено во Скопје, нема каде да се прикажат.

– Знаете дека не постојат киносали во Македонија, освен „Синеплекс“, кој воопшто нема намена да прикажува такви (н.з. дебитантски, нискобуџетни или арт) филмови. Ние, сите заедно (н.з. филмаџиите), создаваме македонска култура. Претставуваме и отвораме македонски проблеми. Теоретски, постојат два вида филмови. Оние што забавуваат и оние што отвораат проблеми, дали се тоа социјални, општествени, политички… Јас лично сум фокусиран на овие вториве, мене не ме интересираат забавата и „комерцијалата“. Целиот мој продуцентски опус го покажува тоа. Според мене, поентата на секој автор, културен работник е да ги отвора проблемите во општеството. А ние дефинитивно, како општество, имаме многу проблеми. Имаме проблеми за извоз кои може да ги даваме на сите држави да прават теми за филмови, драми, книги… итн. – рече македонскиот продуцент.

Додаде дека на оваа тема, дека нема сали за прикажување, разговарале и со директорот на Агенцијата за филм, Мицевски, и во Министерството за култура за да се најде некаков начин да се отвори или да се возобнови некое кино за да може да ги прикажуваат македонските филмови таму.

– Останавме само на Кинотеката, што е со единствено кино во Скопје, чија дејност не е да ги прикажува овие нови или репертоарски филмови. Суштински проблем, како држава, како Министерство за култура, како Агенција за филм, сериозно да размислиме, да се посветиме и да го направиме ова – додаде тој.

Салковски вели дека македонските остварувања, особено овој вид филмови со нова енергија на младата потентна генерација филмаџии, треба да се види.

– Не сум приврзаник на она форсирање да се стават филмовите во рамките на часовите во училиштата, оти мислам дека ако е добар филмот, сите ќе сакаат да го гледаат или да разговараат за него. Не треба сосила да се тераат младите. Но, ние дефинитивно ја загубивме филмската публика во кино. Тука морам да ги пофалам театарџиите, тие последниве дваесетина години успешно ја вратија публиката во театар. Пред дваесет години, ситуацијата беше комплетно спротивна. Луѓето одеа на кино, не на театар, театарските сали и претстави беа празни. Сега е обратно. Ние, со негрижа кон филмот и кон кината, ја свртевме ситуацијата. Ние немаме кинопублика. Сакам да го кажам тоа директно и јавно – истакна Салковски.

Посочи и дека филмаџиите и сите релевантни институции, но и медиумите, треба да работат заедно за да се смени оваа ситуација, особено бидејќи Скопје претендира да биде Европска престолнина на културата.

И за Сашко Мицевски, директорот на Агенцијата за филм, овој проблем е еден од клучните. Како што истакна тој, Агенцијата за филм моментално работи на тоа филмовите што живеат на фестивалската сцена да допрат до домашната публика.

– Значи, ова е една од поголемите болки што ги гледам, бидејќи филмовите што ги финансира Агенцијата за филм се од пари на даночните обврзници, од буџетски пари. Меѓутоа, 90 % од филмовите не стигнуваат до луѓето што го финансираат филмот, а тоа се луѓето што плаќаат данок, т.е. нашата публика – вели Мицевски.

Тој вели дека Агенцијата за филм во моментот изнаоѓа начин, со моменталната легислатива, како да го реши тоа.

– Значи има неколку решенија. Се согласувам со Салковски дека „Синеплекс“ не е соодветно место за да се прикажува европски арт-хаус филм и дека треба повеќе институции да ги отворат вратите за македонскиот филм. Има некои дискусии како да се реши тоа, меѓутоа тие се поврзани со киното „Милениум“.

Мицевски рече и дека Агенцијата за филм моментално прави ревидирање на тоа кој треба да добие филм, односно кој да биде финансиран, и дека треба да се земе предвид и тоа колку се прикажувани претходните филмови на продуцентот и режисерот во Македонија.

– Убаво е сè, успех на еден-два фестивали, меѓутоа, еве и Салковски и другите колеги ќе се согласат, има еден куп автори и продуценти што продуцираат филмови што имаат премиера со 15 души на некој фестивал, на пример „Гевгелија филм фестивал“, и тоа е административно спакувано како филм, меѓутоа не е праведно.

А има и продукции и продуценти чии филмови навистина се гледани, кои знаат како и се трудат да го донесат филмот пред македонската публика. Сакам да споменам дека нешто што ќе го засилиме како контрола (во Агенцијата за филм) е продуцентите, кога ќе завршат со фестивалското прикажување на филмот, да го понудат за бесплатно прикажување на Македонската радио-телевизија, што е законска обврска. Доколку не го понудат филмот за прикажување, значи имаат можност да добијат забрана за финансирање од 10 години. Многу сериозно ќе се сфати тоа, бидејќи ако не живее во кино, филмот треба да биде достапен на телевизија, ако не биде достапен на телевизија, треба да биде достапен на онлајн платформи – истакна Мицевски.

На новинарско прашање дали, како Агенција за филм, имаат направено анализа колку филмови досега биле прикажани на МТВ или онлајн, Мицевски со одговор дека бројот е фрапантен.

– Јас ги гледав бројките, секој киноприкажувач во Македонија мора да пријави кој филм колку бил гледан во Агенцијата за филм, бидејќи тоа е наша законска обврска. И бројките на месечно ниво стигнуваат. Јас го отворив претходниот месец, декември, од љубопитност и можам да кажам дека филмови што чинат „грдни“ пари, за кои Македонија инвестирала, имаат бројки од типот 45 души го гледале во декември.

Додаде дека, како Агенција, со следниот конкурс ќе се обидат тие бројки да влијаат врз бодовната листа на тоа дали треба некој да добие следен филм или не.

– За сите што го финансирале филмот, нормално, многу е битна таа интернационална промоција, како ќе ја претставиме државата, сето тоа е битно, меѓутоа мора и нашата публика да го види филмот. Ќе бидат активирани сите можни механизми и тоа се прави во моментот – додаде Мицевски. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ