МАКЕДОНСКИТЕ ДУХОВНИ СВЕТИЛИШТА НЕ СЕ САМО ДУХОВНО ПОВРЗАНИ СО НАРОДОТ: И молитва и леб и лек – манастирите, силна поткрепа на најранливите 

Во светилиштата на МПЦ-ОА сè повеќе заживуваат дејности со кои на најразлични начини им се помага на обичните граѓани, а преку кои тие добиваат плати или помош кога се во неволја. Во кичевскиот манастир „Света Богородица Пречиста“ постојано се вработени повеќе од десетина граѓани, во Бигорскиот манастир досега им се помогнало на стотици зависници од дроги и хазардни игри, на сиромашни семејства, а во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во ресенското село Јанковец бесплатно се дели лек на тешко болни граѓани. Убаво е и корисно е кога манастирите развиваат вакви дејности од кои полза има и народот. Тоа е за заедничко добро. Тогаш напредуваат и манастирот и нашите верници. Тоа е само еден од начините на кои ги ангажираме мирјаните, вели сестра Харитина од кичевското духовно светилиште

163

Македонските манастири, низ својата многувековна историја, секогаш биле места на кои народот секогаш наоѓал голема поткрепа. Всушност, врската меѓу обичниот народ и неговите духовни светилишта била заемна и нераскинлива. Низ вековите, народот секогаш бил тој што го носел најголемиот товар и давал најголема жртва некое светилиште да биде изградено. Историјата ги запаметила нивните ктитори, но јасно е дека во макотрпното градење, најголемиот придонес го давал народот, почнувајќи од донирањето на паричните и други средства, па сè до непосредното учество во градењето, најчесто долго со децении. На крајот, се добивале велелепни светилишта со кои сега се гордеат нови народни генерации, а во кои тогаш се населувале монаси, монахињи и други духовни великодостоинственици. Тогаш, кога манастирите станувале живи светилишта, почнувале да се развиваат и другите врски меѓу народот и манастирите. Храмовите првенствено биле духовни центри во кои се ширела и се зацврстувала христијанската вера, во кои народот се молел за здравје, среќа, мир, сигурност и заштита во тогашните несигурни времиња. Но, ваквите центри биле и повеќе од тоа бидејќи од нив почнувала да се шири писменоста, биле центри во кои можело да се најде лек за најразлични болести, совет за тоа како да се подобри земјоделското и другото производство од кои зависел најголемиот број домаќинствата.

Историјата, на пример, мошне богато го забележала значењето кое низ вековите го имал манастирот „Свети Наум Охридски“, кој е посветен на големиот светител кој, покрај другото, се прославил и со тоа што многу му помагал на народот и како лекар. Останало забележано дека неговите „чуда и благодати биле побројни од ѕвездите на небото“ и поради што неговиот манастир стекнал голема популарност. Останало и забележано и тоа дека до 1941 година, во овој манастир секој ден се печеле по две фурни леб, кој потоа се делел на гладните луѓе. Запаметено останало и светилиштето на охридскиот манастир „Плаошник“, каде што големиот светител свети Климент уште во деветтиот век го направил првиот словенски универзитет, на кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба и ја ширел писменоста меѓу народот.

Бројни се и други вакви примери на наши духовни светилишта кои последниве децении доживуваат голема обнова откако во периодот на атеистичко општествено уредување беа значително опустени, речиси без монаштво, и, воопшто, со намалена дејност. Сега, состојбите се во голема мера променети. Голем број од манастирите се обновени, со значително поголем број монаси, и со вратен духовен и секаков друг живот. Тоа овозможи овие храмови во најголема мера да ги обноват силните врски со народот, помагајќи му колку што е можно. Па, така, се бележат најразлични примери со кои обичните граѓани во манастирите наоѓаат начини како да ја обезбедат животната егзистенција, да најдат лек, засолниште, начин да ги променат дотогаш лошите животни навики.

Обезбедена егзистенција со работа на манастирска фарма

Неодамна, јавноста беше информирана дека во Кичево беше ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија, а зад кој стои дејноста на познатиот манастир „Богородица Пречиста“. Односно, млеко и сирења што се произведуваат на нивната манастирска фарма, а која постои повеќе години. Сестра Харитина од ова светилиште ни објаснува дека кога во 2017 година се вселиле во манастирот, ја реновирале постојната фарма, донеле нова сорта крави и овци, а стадото сега нарасна на 50 грла крави и околу 600 овци. Регистрирале и млекарница во која сега месечно се произведуваат околу 10 тони кравјо сирења и три тони овчо сирење. Со тоа се создаде можност да вработуваат граѓани како работници кои тука ќе добиваат редовни плати и ќе обезбедуваат егзистенција за себе и за своите семејства.

– Во шталата ни работат четворица граѓани, од кои двајца примивме од Битола, откако ни се понудија за работа. Тие потоа се оженија тука и сега живат во Кичево и се здомија. Има и двајца вработени кичевци кои се, исто така, фамилијарни луѓе. Имаме и двајца помошници кои, главно, работат на земјоделска механизацијата. Имаме уште четворица работници кои се ангажирани околу овците, како и една жена работничка која работи во млекарницата. Сите тие примаат плата од манастирот и така ги издржуваат своите семејства – ни објаснува сестра Харитина.

Таа додава дека размислуваат да ангажираат и нови работници поради зголемениот обем на работата.

– Убаво е и корисно е кога манастирите развиваат вакви дејности од кои полза има и народот. Тоа е за заедничко добро. Тогаш напредуваат и манастирот и нашите верници. Тоа е само еден од начините на кои ги ангажираме мирјаните. Во градот Кичево дејствува и хорот со 60 деца, кој негува византиска музика и се вика „Митрополит Козма Пречистански“. Околу него се ангажирани и двајца професори кои, исто така, се вработени кај нас и добиваат паричен надомест за свој ангажман, вели сестра Харитина.

Наше друго познато светилиште, Бигорскиот манастир, веќе со години на посебен начин им помага на луѓето што имаат потреба за помош. Се работи за препознатлива бигорска програма за рехабилитација и ресоцијализација на млади луѓе кои западнале во тешки зависности – од дрога, алкохол и хазардни игри. Со нивно примање и со соодветен духовен третман се започнало уште во 1998/99 година и оттогаш па досега тука помош нашле повеќе стотици граѓани. Моментално во манастирот престојуваат 29 граѓани на кои им се помага, а во просек, бројката е од 28 до 32.

– Оваа мисија својот јасен облик го доби со духовното раководство на старецот и игумен на Обителта, епископот Антаниски Партениј, како основател на монашката заедница и идеен творец на нејзината мисија. Се разбира, заснована на Христовото Евангелие. Неговото сфаќање дека Црквата не смее да остане затворена во ѕидовите на храмот, туку мора да слезе во болката и вo распадот на современиот човек, го одбележа и практичниот живот на манастирот. Во Бигорскиот манастир тие не се третираат како „случаи“, туку како личности. Манастирот им нуди не само засолниште, туку и нов ритам на живот: молитва, работа, заедница, лична одговорност и постепено враќање на изгубеното достоинство. За многумина, тоа е првата вистинска шанса повторно да го изградат својот живот – ни објаснува архимандритот Доситеј додавајќи дека тука доаѓале луѓе како од Македонија, така и од други земји – Србија, Австралија, Бугарија, Германија, Албанија, Грција…

Активностите на манастирот со цел да му се помага на народот не завршуваат тука. Манастирот континуирано им помага и на семејствата од реканскиот и дебарскиот крај, особено на оние повеќедетните и на оние што живеат во поголема немоќ од каков-годе вид.

–Помошта е тивка, без медиумска помпа, но упорна: храна, огрев, лекови, поддршка во најтешките моменти. Она што оваа помош ја прави посебна е свеста дека манастирот не дели од својот „вишок“. Напротив, сè што му е доверено од народот, братството го распределува таму каде што е најнеопходно, често жртвувајќи ги и сопствените потреби. Тоа е евангелска логика што ретко се среќава во современиот свет: „да даваш, и кога самиот немаш доволно“ – објаснува архимандритот Доситеј.

Бесплатно поделени 6.500 кутичиња лек

Посебен вид помош на граѓаните кои имаат потреба дава и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во ресенското село Јанковец, а каде што од растението козлец се прави посебен вид лек, што им помага на болните од канцер. Игуменот Спиридон, за време на неговиот престој во манастирот „Хиландар“ на Света Гора, научил и добил благослов да го прави лекот за да им се помогне на граѓаните во Македонија. Сега, во светилиштето лично доаѓаат луѓето кои имаат потреба за да си го подигнат бесплатно лекот кој се прави со ставањето на коренот во мед, а сето тоа придружено со молитви.

– Откога почнавме да го даваме лекот на болни од карцином, секој месец бројот на пациентите се зголемува, за жал, и секој според потребата доаѓа во манастирот за лекот. Досега имаме издадено над 6.500 кутичиња со козлецот. Да се биде дел од Божјата промисла за спасение на секоја душа, сад преку кого ќе дејствува исцелителната Десница на Небесниот лекар е голема чест, но и одговорност. Едноставно, се исполнува заповедта за љубовта кон ближниот за да бидеме исти или слични на Добриот Самарјанин – ни вели старешината на манастирот, игуменот Спиридон.

Тој додава дека резултатите кај 80 проценти од корисниците се одлични, благодарејќи Му на Бога. Според него, целта на сето ова е и духовно будење или преумување за личен духовен раст во верата и во односот со Бога.

– Манастирите се духовно прибежиште од секојдневните зла кои нѐ опкружуваат, целта не е со лекови или тинктури да ги донесеме верниците во манастирите, туку преку духовното просветлување да се враќаме во прегратката Божја. Манастирите нема да се откажат од делото да му се помогне на ближниот, но и нема да се откаже од просветителната дејност – нагласува овој достоинственик.

Примерите од овие манастири се сигурно значајни. Тие се истовремено пример и за другите, но и патоказ по која насока треба да јакнат врските меѓу народот и неговите духовни светилишта, и кои и натаму треба да се унапредуваат преку други форми. Со тоа ќе јакнат сите – и народот и храмовите во заедничката љубовта кон Бога. (Б. Ѓ.)

Одбиено барање за дом за деца со посебни потреби

Игумен Спиридон ни наведува дека се подготвени во манастирот да отворат и дом за деца со посебни потреби во кој тие би живееле постојано, но тоа им било одбиено.

– Се надевам дека со Божја помош и по Негова промисла ќе се случи и тоа да имаме и ординации и домови за немоќни и стари лица по наши духовни светилишта. Но, сакам да напоменам дека и државното уредување не е спремно да соработува со Црквата за овие прашања. Ова го кажувам од лично искуство, зашто јас, како игумен со благослов на надлежниот архиереј, поднесовме барање да изградиме дом за деца со аутизам, церебрална парализа и сите останати попречености. Не како еднодневен престој, туку дом каде што ќе живеат постојано надгледувани со медицински персонал и монаси преку кои ќе го запознаваат Бог, но за жал, бевме одбиени од општината без никакво образложение. Но таквите дејанија нема да нѐ поколебаат да го вршиме делото да му служи на ближниот – нагласи старешината на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Јанковец.

 

 

ИЗДВОЕНИ