Поразителни се податоците од последниот извештај на УНИЦЕФ за состојбата со децата и адолесцентите во земјава за минатата година. Жените не раѓаат како порано, а бројот на деца во земјава се намалил за 18%.
„Кај младите постои голема желба за иселување, при што 62% изразуваат подготвеност да заминат ако им се даде можност. Овој тренд создава социо-економски последици, како што се намалување на работната сила, одлив на мозоци и предизвици во здравствениот“ стои во извештајот на УНИЦЕФ.
„Во 2019 година, респираторните заболувања се причина за 39,8 проценти од морбидитетите кај децата, што особено ги погодува урбаните средини. Со годишното средно ниво на PM2,5 коешто е петпати повисоко од препораките на СЗО, и е двојно поголемо од просекот во ЕУ, квалитетот на воздухот е најлош на Западен Балкан“ е нотирано во извештајот. Сиромаштијата и натаму прави голем јаз меѓу децата, при што 32,7 проценти од децата живеат под прагот на сиромаштија на ниво на држава. Ограничената социјална помош и натаму е несоодветен одговор во сузбивање на детската сиромаштија. Иако смртноста на децата се намалува, сепак пристапот до лекар е ограничен, па така околу 20.000 деца ефективно немаат здравствено осигурување и поради тоа немаат соодветен пристап до здравствени услуги. Една од причините за тоа е дефицитот на медицински лица, на пример во 2023 година, приближно еден матичен гинеколог опслужува 2.240 жени на репродуктивна возраст, а гинеколози во руралните средини нема.
Вакцинирањето на децата е мало, особено имунизацијата со вакцината за спречување на пневмонија, морбили, а има и ниска свест за ХПВ вакцината особено кај младите во градовите. Она за што постои голема загриженост е состојбата со менталното здравје кај младите, 30 проценти од адолесцентите пријавиле умерена до тешка депресија, а 42,1 процент се соочиле со анксиозност за време на пандемијата со ковид-19, и ограничен пристап до услуги за ментално здравје и благосостојбата за децата.
„Стигмата продолжува да биде главна пречка за пристап до здравствена заштита, при што 94,2% од адолесцентите се чувствуваат непријатно да разговараат за прашања поврзани со менталното здравје поради општествената осуда и стигма, е нотирано во големиот извештај на УНИЦЕФ за земјава. Голем е процентот, близу 30, на жените кои имале недијагностицирана пред и постпородилна депресија. Пристапот до безбедни тоалети за децата е најнизок во европскиот регион, а близу 30% од жените не можат да си допуштат хигиенски влошки.
Децата во Македонија имаат проблем и со дебелината, според извештајот на УНИЦЕФ, две третини од децата на возраст од 7 до 9 години се дебели. Резултатите од учењето опаѓаат и нашиот образовен систем значително заостанува зад европските стандарди. Наставната програма е застарена и несоодветствува со потребата на пазарот на труд.
Насилството врз децата е проблем во земјата сега со појава и на нови форми, како што се онлајн насилството. Речиси три четвртини од сите деца или 73% се дисциплинираат со ќотек, додека стапките на физичко казнување и психолошка агресија се повисоки кај момчињата, ромските деца и децата со попреченост. Врсничкото насилство е значително застапено, при што 19 проценти од учениците се соочуваат со малтретирање. Македонската младина води, кога е во прашање онлајн играњето. Дури 67% од тинејџерите поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет, при што голем дел од нивната активност е фокусирана на игри и социјални мрежи, стои во анализата. Момчињата се повеќе изложени на ризик од видеигрите, тука припаѓаат 28% од 11-годишните момчиња и 16% од девојчињата, и притоа и двете бројки го надминуваат просекот на Источна и Централна Европа од 12%.
Прекумерното време поминато пред екраните, заедно со ограничената свест за одговорно користење на интернетот, ја нагласува неодложната потреба за сеопфатно образование за дигитална безбедност и потребата од зајакнување на медиумската писменост за решавање на овие растечки проблеми, порачуваат од УНИЦЕФ во последниот извештај за состојбата на децата и младите во земјава. (П.А.)