Претстојната изложба на уметникот Страхил Петровски во Њујорк е негово второ претставување на уметничката сцена во овој град и дел од серијата негови самостојни изложби што ги реализираше годинава во повеќе европски и светски културни центри. По изложбата во Париз во јуни годинава, тој се претставува во Њујорк со сосема нова концепција во просторот во Галерија МЦ и со нови дела, цртежи што го надополнуваат наративот на поставката

Мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ на познатиот македонски визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември ќе биде отворена во Галерија МЦ (Gallery MC) во Македонскиот културен центар во Њујорк. Љубителите на уметноста и целата американска јавност ќе имаат можност да ја видат уметноста на Петровски до 9 јануари.

Пред посетителите ќе бидат претставени делата од најновиот негов циклус, а кој опфаќа големоформатни индустриски хартии, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи што добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор.

– Во новите светови, во свет без стабилни идентитети, во свет на непостојани идентитети, каде е тоа што го бараме, каде го наоѓаме значењето и дали воопшто го наоѓаме? Делата – индустриските хартии и цртежите, како и видеоинсталациите на Страхил Петровск, прикажуваат свест за оваа загубеност, затоа во фрагментацијата тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно по разорната фрактура на дваесеттиот век. Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста. Во овие наши нови светови, ни недостига „заедничкото“ значење. Во видеоинсталациите во некои негови претходни изложби, кадри од војна, црви, изгорени дрвја, напуштени амбиенти со ќебиња што сега ги користат бездомниците, парадираат… загубени и заборавени луѓе. Совршени придружници на листовите од хартија и на делата во комбинирана техника на Петровски се овие фрагменти од урбаната дистопија, кои ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и со вечните проблеми – вели, меѓу другото, кустосот на изложбата и историчар на уметност, Сандра Деспотовиќ, во текстот кон изложбата „Реминисценции“. Таа посочи дека изложбата на Петровски ја означува новата креативна ера во неговото творештво, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет.

Во делата доминираат три бои: белата, црвената и црната, кои, како што се наведува, асоцираат на светлина, земја и на празнина, а визуелниот израз е поврзан со индустрискиот и прогресивен рок, како културна и естетска референција.

Претстојната изложба во Њујорк е негово второ претставување на уметничката сцена на овој светски центар на уметноста и дел од серијата негови самостојни изложби што ги реализираше во повеќе европски и светски културни центри. По изложбата во Париз во јуни годинава, тој се претставува во Њујорк со сосема нова концепција во просторот во галеријата и со нови дела, цртежи што го надополнуваат наративот на поставката.

– Моето прво претставување во Њујорк во 2019/2020 беше извонредно искуство. Имав одличен прием со тогашната изложба „Action/Reaction/Wor(l)d“, исто така со мултимедијален проект составен од просторни инсталации, светлосни објекти, видеа и платна. Очекувам и овој пат да наидам на ист одглас од публиката, а секое присуство на њујоршката ликовна сцена е особено значајно за македонски уметник. И тогаш имав, а се надевам и сега ќе имам, средби со ликовни уметници што работат и творат во Њујорк, и ќе склучам нова сработка за некое идно претставување во светски рамки. Сметам дека Македонија има што да му покаже на светот и воопшто не каскаме во однос на светските ликовни трендови, напротив, имаме со што да се претставиме – вели Петровски за весникот ВЕЧЕР.

Страхил Петровски е роден во 1974 година, во Куманово. Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата уметничка практика ги опфаќа сликарството, инсталацијата, концептуалната уметност, фотографијата и видеоуметноста, а делата му се застапени во јавни и во приватни колекции во земјава и во странство. Петровски е член на ДЛУМ од 1997 година и на ДЛУБ од 2025 година, а од 2024 година работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и како вонреден професор по фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ