МАКЕДОНСКИОТ ПРЕМИЕР ЗА ПОРАКИТЕ КОИ ДОАЃААТ ОД БУГАРИЈА: Не гледај што Софија зборува, гледај што работи!

139

Официјална Бугарија има можност да дело да го покаже она за што зборува во последните пораки, а во односите со нив повеќе треба да се гледа што прават, а не што зборуваат. Ваков став денеска искажа македонскиот премиер Христијан Мицкоски по последните пораки кои дојдоа од официјални бугарски претставници. За време на посетата на Битола тој одговори на новинарско прашање врзано за неговиот коментар за завчерашните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев во албанската престолнина Тирана. Радев синоќа од Тирана, по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Македонија.

Според Мицкоски,тоа што го зборуваат претставници на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни, со повлекување на амандманите во Европскиот парламент на Извештајот за Македонија. Освен ова, можат и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.

-Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат“. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП АФЕТ се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност ова што го зборуваат да го покажат и на дело, изјави Мицкоски.

Премиерот изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, и како што истакна, „да се разговара и за Коридорот 8, да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед, и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, по средбата со претставници на македонското национално малцинство во Албанија во Тирана денеска не ја коментираше изјавата на Радев во однос на ветото и преговарачката рамка, но нагласи дека тоа не значи дека се согласува. Јас, нагласи таа, тоа го истакнав во текот на разговорот.

– Јас тврдев, тврдам и знам дека сите европски политичари се свесни дека тажната неевропска македонска приказна нема да застане на нас, ќе биде една од следните приказни и покрај моето радување за напредувањето на некои држави во регионот. Идентитетските прашања се надвор од која било преговарачка рамка бидејќи се надвор од Договорот за ЕУ од Лисабонскиот договор и од Повелбата за фундаментални права. Таму, се гарантира националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку и на кандидатите на ЕУ. Ние не бараме никаков ексклузивен статус. Ние бараме стандардно однесување во духот на она што постојано го повторувам. Сакам да живеам во стандардна европска држава, не сакам да биде мојата држава исклучок од сите други, правилата треба да важат за сите, изјави Сиљановска-Давкова.

Од друга страна, на прексиноќешната заедничка прес-конференција Гордана Сиљановска-Давкова со Румен Радев македонската претседателка потенцираа дека колку сме поединствени, толку ќе бидеме поотпорни на било какви предизвици.

– Верувам во регионалното единство и повикувам на јасен, силен, единствен регионален глас што ќе ја обликува нашата заедничка иднина во Европа. Отсекогаш сме биле не само географски дел од Европа, туку и историски и културно. Време е и политички да станеме дел од Европа. Ова јас не го нарекувам реинтеграција, ова го нарекувам реунификација бидејќи таа нема да биде завршена без нас – беше децидна Сиљановска-Давкова, по завршувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа во Тирана.

Таа додаде дека не смееме да дозволиме да бидеме геополитичка и геоекономска периферија. Потребна ни е, истакна таа, соработка, инфраструктурна, економска, енергетска, дигитална затоа што преку соработката ќе изградиме посилен и поповрзан и поконкурентен регион.

– Да не очекуваме да нѐ почитуваат, ако не се почитуваме меѓу себе. Поддржувам и поддржуваме заеднички регионален пазар и интегрирање на нашиот пазар во Европскиот, тоа мора да е врзано со реформи, а тоа ни го овозможува планот за раст на ЕУ – рече на прес-конференцијата Сиљановска-Давкова искажувајќи и благодарност за покажаната солидарност по трагичниот пожар во Кочани.

Според неа, ние сме одговорни да ги промениме овие наративи и трендови, бидејќи силно влијаат врз демографската слика на регионот.

-Сите земји во регионот се соочени, особено мојата земја, со масовна депопулација, со егзодус на најумните, младите заминуваат и тоа е голема загуба и се чувствува не само во економијата, туку и во демократијата. Треба да ги инспирираме да отстранат дома, порача таа.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, изјави дека Бугарија никогаш не ставила вето на европскиот пат на Северна Македонија.

– Постои Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и два протоколи. Постои Преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус од сите земји членки и од Владата на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставувала, ниту ќе поставува услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и од двата протокола. Она што сакаме да го видиме е реално почитување на човековите права. Говориме за човекови права, чекаме веќе три години да започне процесот на пристапување и отворање на преговорите со Северна Македонија, вклучително и со уставните измени. Не станува збор за нерешени билатерални односи, не станува збор за вето или за стопирање на процесот од страна на некоја соседна држава – потенцира бугарскиот претседател.

Тој додаде дека во европскиот консензус од 2022 година јасно се наведува дека станува збор за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото.

-Затоа уште еднаш сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска и пријателска земја, подава рака за да помогне, за вашето државно раководство и општеството многу побрзо да се справат со предизвиците и да ги исполнат Копенхашките критериуми за членство – порача Радев. (Б.Ѓ.)

 

Сиљановска-Давкова: Да се надмине билатерализација во интеграцијата

Македонската претседателка во Тирана укажа и на сериозните пречки што ја забавуваат европската интеграција на регионот. При ова, таа потенцира дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата.

– Уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам. Овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа. Мислам дека постоеја и сѐ уште постојат предрасуди како рецидиви од минатото дека ние сме периферијата на европската периферија. Потребно е надминување на билатерализацијата во интеграцијата бидејќи од најблиските соседи очекувам најголемо разбирање – потенцираше Сиљановска-Давкова.

ИЗДВОЕНИ