Мицкоски: Успеавме да го амортизираме ударот што повторно сакаше да го нанесе некој врз македонските идентитет и јазик 

516

Успеавме да го амортизираме ударот што повторно сакаше да го нанесе некој врз македонските идентитет и јазик, врзано со гласањето во Европскиот парламент за извештај за Македонија, изјави вчера македонскиот премиер, Христијан Мицкоски. Во текот на денешниот престој во Гевгелија, одговарајќи на новинарски прашања, тој откри дека во изминативе денови добил вознемирувачки информации околу тоа што се случува во пресрет на утрешното гласање за извештајот на известувачот Томас Вајц, а кое беше одложено неодамна.

Премиерот Мицкоски рече дека македонската страна нема да дозволи понижување и прифаќање на сè што ќе ни се сервира на маса и прифаќање на билатерални договори на штета на македонските идентитет и јазик.

– Ја кажуваме „истинската“ вистина за македонскиот идентитет, без разлика дали е тоа во Берлин, Брисел, Вашингтон… практично секаде се трудиме да го пренесеме тоа што го чувствуваат граѓаните, и се бориме. Еден таков меѓник ќе биде во вторник, во Европскиот парламент, во комисијата АФЕТ, која е комисија за надворешна политика на ЕП и очекувам силна порака од Европскиот парламент за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Инаку, овие денови добив многу вознемирувачки информации што доаѓаат оттаму, за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Имавме организирана активност заедно со министерот за надворешни работи во изминативе денови. Успеав да контактирам со сите од Брисел, мислам дека успеавме некако да го амортизираме овој удар, кој повторно сакаше да го нанесе некој врз македонските идентитет и јазик, доформулирајќи го и дообјаснувајќи го со модерен и сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација. А со тоа да го нарушат и самиот кредибилитет на Европскиот парламент. За жал, постојат и такви членови на ЕП, но таму огромно мнозинство застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние што ја ограбија и ја понижија Македонија во изминативе седум години – нагласи Мицкоски.

При недамнешното одложување на гласањето по извештајот, Вајц рече дека „бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот“. Претходно, бугарските политичари извршија притисок врз ЕП да го одложи извештајот за напредокот и пристапувањето на Македонија во Европската Унија, обвинувајќи го пратеникот задолжен за извештајот дека е премногу близок до земјата кандидат. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ