Македонскиот пазар на електрична енергија е стабилен и се подготвува за интеграција со европскиот

15

До септември 2025 година, истргувани се околу еден терават-час електрична енергија, што е преку 21 отсто од националната потрошувачка и пораст од преку 40 проценти во однос на 2024 година, што е јасен показател за зголемена ликвидност и доверба. Ова, меѓу другото, го истакна Зоран Ѓорѓиевски, управител на Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој. Според него, македонскиот пазар на електрична енергија е стабилен, конкурентен и активно се подготвува за интеграција со европскиот пазар.

Ѓорѓиевски учествуваше на панел-сесијата „Енергетска поврзаност, отпорност и безбедност: регулаторни и правни аспекти“, каде што со колеги од берзите на Унгарија, Србија и Црна Гора, како и претставници на регулаторни тела, дискутираа за интеграцијата на Западен Балкан во електроенергетскиот пазар на ЕУ.

Тој посочи дека има значаен напредок во развојот на транспарентен и ликвиден пазар од мај 2023 година, кога МЕМО го започнал пазарот „ден-однапред“:

– Денес има 38 активни учесници – вклучувајќи ги речиси сите домашни производители и снабдувачи, како и повеќето регионални трговци. До септември 2025 година, истргувани се околу еден терават-час електрична енергија, што е над 21 отсто од националната потрошувачка и раст од над 40 проценти во однос на 2024 година, што е јасен показател за зголемена ликвидност и доверба, вели Ѓорѓиевски.

Додаде дека постигнатите цени реално ги одразуваат состојбите на понудата и побарувачката и се во корелација со регионалните пазари, што ѝ овозможува на Македонија своја референтна пазарна цена на електрична енергија – важен сигнал за идни инвестиции.

Управителот на МЕМО нагласи дека транспонирањето на регулативата од Electricity Integration Package е во финална фаза. По неговото усвојување, следува сертификација од Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската комисија.

– Истовремено, усвојувањето на Market Coupling Implementation Plan од ACER е клучен чекор за започнување на „coupling“ проектите. Македонскиот пазар на електрична енергија е стабилен, конкурентен и активно се подготвува за интеграција со европскиот пазар, рече Ѓорѓиевски.

Според него, со новиот Закон за енергетика, МЕМО е повторно назначен како Номиниран оператор на пазарот на електрична енергија (NEMO) за следните четири години, обезбедувајќи институционална стабилност.

Покрај организираниот пазар, Ѓорѓиевски вели дека МЕМО го развива и системот за Гаранции за потекло на електричната енергија, воспоставен во април 2025 година, со цел следливост и доверба во потеклото на зелената енергија.

– Следна цел е целосно членство во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB) со седиште во Брисел и поврзување со европскиот хаб, додаде Ѓорѓиевски.

Тој заклучи дека МЕМО останува посветен на изградба на модерен, поврзан и конкурентен пазар кој ќе ја зајакне позицијата на Македонија во европската енергетска слика.

Форумот, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и регионалните комисии на ОН, собра над 500 учесници од повеќе од 70 земји кои дискутираат за новите насоки на енергетската транзиција.

 

 

ИЗДВОЕНИ