Публиката беше сведок на импресивно шоу, кое вклучуваше координирана претстава со 7.000 дронови, огномет и настап во живо на оркестарот „Фејмс“. – Настапот на настанот за Дизниленд Абу Даби беше момент што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу, не само за нас како оркестар туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст – изјави Од Насју Мапа, основачка на FAME’S

Македонскиот оркестар, дел од проектот „Фејмс“ настапи на гламурозната свеченост по повод официјалната најава за изградба на првиот „Дизни“ тематски парк на Блискиот Исток, кој ќе се наоѓа на островот Јас, Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати. Настанот, организиран од „The Walt Disney Company“ и „Miral“, привлече големо внимание и бројни ѕвезди од светскиот шоу-бизнис. Меѓу присутните беа Тајрис Гибсон, Наоми Кембел, Ед Вествик и други познати личности.

Публиката беше сведок на импресивно шоу, кое вклучуваше координирана претстава со 7.000 дронови, огномет и настап во живо на оркестарот „Фејмс“. Музичката програма беше подготвена и под диригентската палка на Стив Сидвел, а на сцената настапија и Ланг Ланг, заедно со пејачите Кери Елис, Соња Балсара и тамошниот уметник Рашед Алнуими.

Македонските музичари беа рамноправен дел од оваа високобуџетна продукција, поставена на највисоко светско ниво.

– Настапот на настанот за Дизниленд Абу Даби беше момент што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу, не само за нас како оркестар туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст – изјави Од Насју Мапа, основачка на „Фејмс“.

Церемонијата ја означи официјалната најава за изградба на седмата „Дизни“ тематска дестинација во светот и прва во регионот на Блискиот Исток. Паркот ќе биде изграден и управуван од „Miral“, со креативен надзор и оперативна поддршка од „Дизни“. Планираниот комплекс ќе вклучува тематски зони, хотели, спектакуларни паради, интерактивни искуства и иновативни технологии во служба на забавата. Дизниленд Абу Даби ќе понуди незаборавни авантури, приказни и доживувања инспирирани од легендарните „Дизни“ франшизи.

Оркестарот на „Фејмс“ (FAME’S), основан во Скопје, во 2007 година, е реномиран оркестар специјализиран за снимање музика за филмска и за телевизиска продукција, видеоигри, класична и поп-музика. Со над 4.000 реализирани проекти, FAME’S се наметна како водечки избор за оркестарските снимања во Европа и пошироко. Покрај продукциската дејност, FAME’S активно ги поддржува младите класични музичари од Европа и се залага за развој на музичката сцена и за ангажирање разновидна публика.

Овој настан уште еднаш потврди дека македонските уметници се препознаени и ценети на светската културна и продукциска сцена.

ИЗДВОЕНИ