Филмот ќе биде прикажан во официјалната селекција Перспективи на годинашното издание на најпрестижниот и најстар фестивал за анимирани филмови „Анеси“ во Франција, што ќе се одржи од 8 до 14 јуни, и ќе се натпреварува со уште 70 филма за една од најзначајните награди во светот на анимацијата
Краткометражниот анимиран филм на македонскиот автор Крсте Господиновски, „Неми филмови“ (Silent Cinema), ќе биде прикажан во Oфицијалната селекција – Перспективи на годинашното издание на најпрестижниот и најстар фестивал за анимирани филмови „Анеси“ во Франција што ќе се одржи од 8 до 14 јуни. Од 3.900 филма пријавени од сите континенти, „Неми филмови“ ќе се натпреварува со уште 70 филма за една од најзначајните награди во светот на анимацијата. Успехот на екипата предводена од Господиновски претставува значаен исчекор за македонската авторска анимација, бидејќи ова е првиот македонски филм по „Адам“ на Петар Глигоровски од 1977 г. што успева да биде вклучен во официјалната селекција на фестивалот.
Филмот е работен по сценарио на Крсте Господиновски, Жарко Иванов и на Димитар Димоски, кое е инспирирано од истоимениот расказ на Димитар Димоски, награден на книжевниот конкурс на „Нова Македонија“. Како продуценти се јавуваат Димитар Димоски и Дарко Попов, а копродуценти се Жарко Иванов („Флип бук продакшнс“), Раду Николае и Дорин Стелеску („Опал продакшн“). Жарко Иванов, исто така, е директор на анимацијата, заедно со Гоце Господиновски. За кинематографијата се потпишуваат Горан Наумовски, Димо Попов, Крсте Господиновски, дизајнер на звукот е Горан Петровски, а композитор на музиката е Владимир Лукаш. Сценографијата е на Крсте Господиновски, Викторија Динева и на Тамара Радојковиќ, која, исто така, е и асистент на режија. Филмот е во продукција на „Фокус-покус филмс“ и на „Флип бук продакшнс“ и е поддржан од Агенцијата за филм.
„Неми филмови“ е приказна за едно мало кино сместено на залезот од немото време, кога една поранешна филмска ѕвезда, маскирајќи ја својата згасната слава, решава да проектира исклучиво неми филмови. Неговиот син спокојно расте во овој илузорен свет, несвесен за промените што се одвиваат надвор од неговите ѕидови, сè дури едно необично откритие не ги разниша неговите уверувања, нарушувајќи го веќе кревкиот однос со неговиот татко.
Филмот е изработен во техниката куклена стоп анимација и она што го прави исклучително специфичен е фактот што целиот е изработен во еден непрекинат кадар.
Инаку, шеесет и четвртото издание на фестивалот се одржува во градот Анеси, Франција. Освен на „Анеси“, филмот се прикажа и на педесет и третото издание на престижниот „Анимафест Загреб“, уште еден од најзначајните фестивали за анимиран филм во светот. Проекции имаше на 4 и 6 јуни.
„Неми филмови“ наскоро премиерно ќе биде прикажан и пред македонската публика.