„Мајка“ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ги оствари својата визија и хумана мисија. Еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, по години посветено истражување и пишување, го создал сценариото за филмот, кој ќе ја има честа да ја отвори програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на Венецискиот филмски фестивал, што годинава ќе се одржи од 27 август до 6 септември. Остварувањето ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања

Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска ќе се прикаже во рамки на програмата „Хоризонти“ на годинешниот 82. Венециски филмски фестивал, што ќе се одржи од 27 август до 6 септември.

Како што информираат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“, филмот „Мајка“ ќе ја има честа да ја отвори програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на познатата Мостра и ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања, со што Македонија повторно ќе биде дел од еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали во светот.

„‘Мајка’ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ги оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот започна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм ‘Тереза и јас’, проект финансиран од Македонската радио-телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот ‘Мајка’“, изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.

Номи Рапас во „Мајка“

Во него, Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај познатата шведска актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2009) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка. Шведската актерка со холивудска кариера, Номи Рапас, глумеше и во филмот „Нема да си сама“ на австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски.

Директор на фотографија на „Мајка“ е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од македонската Агенција за филм, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Инаку, селекцијата „Хоризонти“ на Венецијанскиот фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик.

Ова е третпат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023).

И Тамара Котевска со „Приказната за Силјан“ на Мостра

„Приказната за Силјан“

Новиот документарец „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на режисерката Тамара Котевска ќе има светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, во селекцијата Out of Competition за документарни филмови.

„Приказната за Силјан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговата неочекувана врска со бел штрк со скршено крило. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи.

Филмот е инспириран од народната легенда за момчето Силјан, кое по расправија со татко му, се претвора во штрк.

Котевска, позната по „Медена земја“, е и режисерка и продуцентка на најновиот филм, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop. Останати продуценти се Jean Dakar и Јорданчо Петковски.

ИЗДВОЕНИ