Македонскиот јазик и македонската култура ќе се изучуваат во најголемото подрачно основно училиште „Стрмец“ во градот Света Недела, во Загрепскиот округ во Хрватска. Решението го потпиша Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, а ова го соопшти Жељка Ненадиќ, претставничка на Управата за национални малцинства, на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“, проект поддржан и одобрен од ова Министерство. Барањето е иницијатива на родителите, предводени од професорката по македонски јазик Ивана Брезовец.
Досега, наставата по македонски јазик во Хрватска се изведува во седум основни училишта и во три гимназии. Првиот час во ОУ „Никола Тесла“ во Загреб бил одржан пред дваесет години. Наставата во Првата гимназија во Загреб се изведува единаесет години. Освен Македонци и Македонки, наставата можат да ја следат и сите други заинтересирани ученици.
Еден исклучителен пример е наставничката Наталија Лековска, која е Македонка и работи во ОУ „Владимир Назор“ во Општина Потпиќан. Таа ги учи своите ученици од прво, второ и од трето одделение за македонскиот фолклор и за македонскиот јазик во текот на целодневната настава. Учениците и наставничката беа поканети на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ од страна на координаторката Ивана Брезовец. Таму, ученичките, предводени од својата учителка, го играа Пајдушко оро, а се претставија и со традиционалното истарско оро што се вика „Истарски балон“ или во оригинал „Истарски балун“. На хармоника свиреше и малата Анамарија Цариќ. За оваа пригода, носеа истарски народни носии, кои им ги отстапи културниот музички ансамбл „Иван Фоновиќ-Златела“ од Кршана и МКД „Охридски бисер“ од Загреб. Во целата оваа реализација имаа неизмерна поддршка од директорката на самото училиште, Нада Перишиќ, и од родителите на учениците, што само зборува за поддршката што ја добиваат Македонците во Република Хрватска.












