„Избор“ е филм кој преку иновативна наративна форма и визуелен стил раскажува емотивна и ангажирана приказна за млада мајка, која, соочена со рестриктивен закон што ѝ го забранува абортусот, е принудена да бара илегално решение. Филмот е структуриран во само два кадри, од кои едниот трае 13 и пол минути, што претставува уникатен продукциски предизвик и креативен избор
Македонскиот краткометражен филм „Избор“, во режија на Марко Црногорски и во продукција на „Дарма Филм“, е селектиран за учество на 50. издание на Odense International Film Festival (OFF), кое ќе се одржи од 25 до 31 август во Оденсе, Данска.
Овој фестивал е единствениот краткометражен фестивал во Данска што е квалификувачки за Оскар, Европските филмски награди (EFA) и BAFTA-наградите, и се смета за еден од најреномираните фестивалски платформи за кратки филмови во Европа, што го прави ова учество особено значајно за македонската кинематографија. Овој месец, пак, поточно од 22 до 27 јули „Избор“ ќе биде присутен на уште еден значаен фестивал во регионот „Cinehill Motovun Film Festival“ во Хрватска.
„Избор“ веќе бележи забележителни успеси на меѓународната сцена, меѓу кои награда за најдобар краток филм на 20. South East European Film Festival (SEEfest) во Лос Анџелес. Филмот ја имаше својата светска премиера на34. Festival de Cine de Palenciaво Шпанија, а беше прикажан и на уште три Oscar qualifying фестивали: Cine Lebu во Чиле, Alexandria Short Film Festival во Египет како и на 22. In The Palace International Short Film Festival во Бугарија – фестивал кој носи можност за квалификација за Оскар и Гоја наградите.
„Избор“ е филм кој преку иновативна наративна форма и визуелен стил раскажува емотивна и ангажирана приказна за млада мајка. Taa и нејзиното мало дете се соочуваат со разорна реалност кога нов закон ѝ го забранува закажаниот абортус. Очајна да го избегне долгиот процес на добивање посебна дозвола, таа се одлучува за нелегална процедура. Додека навлегува во подземјето, приказната добива трагичен пресврт, нагласувајќи ги суровите последици од рестриктивното законодавство врз репродуктивните права на жените.
Филмот е структуриран во само два кадри, од кои едниот трае 13 и пол минути, што претставува уникатен продукциски предизвик и креативен избор.
Актерската екипа ја предводи Сара Сандева, заедно со Ева Велиќ, Игор Ангелов, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Ѓорѓи Јолевски, Сара Анастасовска и Дарко Богески.
Креативниот тим го сочинуваат: Роза Трајческа Ристовска (костимографија), Дејан Ѓошевски (сценографија), Дарко Спасовски (звук и микс), Блажен Настевски (музика), Михаил Димитров (монтажа), Наум Доксевски (директор на фотографија).
Сценариото е потпишано од Јана Пауноска и Марко Црногорски, а проектот е поддржан од Агенцијата за филм.
– Селекцијата на „Избор“ на OFF25 е потврда за квалитетот и креативниот потенцијал на новата генерација филмски автори од Македонија. Учеството на фестивалот отвора нови можности за меѓународна промоција и вмрежување на филмот и неговите автори, се посочува за филмот.