Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денеска треба да гласа за извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц. Овој извештај, кој беше одложен поради несогласување и силни реакции од бугарските европратеници, добива особено внимание поради тоа што првпат јасно и недвосмислено ја признава и афирмира посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Токму овие формулации претставуваат главна точка на отпор за бугарските претставници, кои бараат нивно ублажување или измена. Од македонска страна, ваквата формулација се смета за значаен дипломатски и политички исчекор – како потврда на европските вредности на почитување на националниот идентитет и на културната самобитност. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува да биде усвоен извештајот без измени и дека тоа ќе биде силна порака од Брисел дека европската интеграција на Македонија не смее да се условува со негирање на нејзините јазик и идентитет. Мицкоски вели дека изминатиов период имало силен притисок од бугарски европратеници за измена на овој извештај во кој се зборува за посебноста на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик.
– Деновиве добив вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Успеавме да го амортизираме ударот, кој повторно сакаше да го нанесе некој врз македонскиот идентитет и врз македонскиот јазик. Сепак, огромно мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние што ја ограбија и понижија државата во изминатите седум години – порача премиерот деновиве.
Тој посочи дека откако ја добил информацијата за таквите настојувања на бугарските европратеници во Брисел, имал организирана активност со министерот за надворешни работи, при што успеале да го амортизираат обидот за нов удар врз македонскиот идентитет и врз македонскиот јазик.
– Јас успеав да контактирам со сите од Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар, кој повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и врз македонскиот јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ. За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние што ја ограбија и понижија Македонија во изминатите седум години – рече Мицкоски.
Евроамбасадорот Михалис Рокас минатата недела не сакаше да даде коментар за тоа дали смета дека извештајот на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, за Македонија ќе биде усвоен во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), чие гласање беше презакажано за денеска, нагласувајќи дека ЕП е независна институција, која работи според сопствени правила.
– Европскиот парламент е независна ЕУ-институција, која има свој Деловник, свои правила и процедури, секоја дебата организирана од ЕП подлежи на тие правила на Деловникот. Не би можел да дадам никаков коментар, ниту некакво предвидување – одговори кусо Рокас на новинарско прашање.
Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен по барање на Вајц, поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваат со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема цел решавање на билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но, исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето за овој извештај за 24 јуни – рече Вајц тогаш.
Во извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува за брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени. Во документот постојат неколку референции за признавање на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет.
Седницата на Комитетот за надворешни работи, според дневната агенда објавена на веб-страницата на ЕП, треба да почне денеска во 9:00 часот, а извештајот на Томас Вајц за земјава е прва точка за разгледување и гласање. Бугарските европратеници имаат поднесено амандмани, а дел од нив бараат и воопшто да не се презентира.
Претходно, бугарските европарламентарци му забележаа дека Вајц имал средби со политичари од Македонија, но не и со политичари од Бугарија, како и дека пратеникот задолжен за извештајот бил премногу близок до земјата кандидат. Седумнаесетмина претставници на Бугарија во Европскиот парламент, преку отворено писмо, го осудија известувачот Вајц со тврдење дека македонската Влада влијаела врз неговото водење на преговорите и дека тој го игнорирал насилството врз бугарското малцинство таму.
Вајц изјави за „Политико“ дека, за него, е стандардна практиката да се среќава со претставници од земјата кандидат за која се пишува извештајот. Тој потврди дека бил цел на напади, бидејќи, како што рече, не попуштил пред бугарскиот притисок. (В.С.Н.)