Темата околу македонскиот идентитет неизбежно беше дел од наративот на денешната прес-конференција на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос. По изјавата на Кос дека идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување и дека идентитет за Македонците се и манастирите во земјава, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, премиерот порача дека покрај прекрасната македонска кујна, за него идентитет се и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански… Во однос на очекувањата за извештајот на пленарната седница, премиерот рече дека очекува секаков инженеринг и ништо не би го изненадило.
-Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот. Да, тоа е така, дека ние го носиме со нас, длабоко во нас, но морам да признам, повеќе од три децении ние изгубивме многу од нашиот идентитет, менувајќи знаме, менувајќи име, неколкупати менувајќи Устав, и во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која ќе треба да ја направиме, јас би бил многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата „не слушај ги што зборуваат, гледај ги што прават“. А тоа што го направија и сè уште го прават дел од пратениците во ЕП од нашиот источен сосед нема никаква врска со европските вредности. За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев, и Шапкарев, и Миладиновци, и Илинденското востание, и Дамјан Груев, и Јане Сандански, итн… Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од Исток, но тоа се луѓето што се дел од нашиот македонски идентитет, изјави премиерот Мицкоски.
Претходно, Кос зборуваше за примерот на нејзината земја Словенија, која исто така е мала земја со два милиони жители, но откако стана членка на ЕУ во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24 официјални јазици на ЕУ.
– Идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во нашите души и срца. Идентитетот е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитетот е како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме националните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик, и никој не може ова да ви го одземе на вас, Македонците, рече Кос одговарајќи на новинарско прашање за бугарските амандмани на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Членството во ЕУ е најдобар начин да се заштити идентитетот
Одговарајќи на новинарско прашање за барањата од Софија, освен уставни измени, да се усвојат и протоколите, Кос порача дека членството во ЕУ е најдобар начин да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците. Таа истакна дека за Европската комисија ситуацијата е јасна, доколку Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот, што рече дека не е лесно, веднаш ќе започне меѓувладината конференција без какви било дополнителни политички условувања. Но, Кос не одговори конкретно какви гаранции може ЕУ да ѝ даде на Македонија дека Бугарија нема и понатаму да го билатерализира процесот.
-Сметам дека е многу важно, а денешниот состанок само го покажува тоа, дека Македонија треба да се подбутне на патот кон проширувањето, особено со оглед на тоа дека некои други земји се силни конкуренти за завршување на претпристапните преговори. Сите препознаваме дека ова не е лесно, но можноста е отворена сега за проширување и ние сите треба да ја искористиме оваа шанса, рече Кос и порача дека е важно да се има конструктивен дијалог меѓу Македонија и Бугарија и да се изгради дух на заедничка доверба и разбирање.
Во однос на бугарските амандмани за Извештајот за Македонија со кои се бара „модерен“ да се вметне пред македонски јазик и македонска нација, Кос рече дека според неа „членство во ЕУ е најдобар начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот“.
-Членството во ЕУ според мене е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, поради тоа што ЕУ е изградена на приципот на разноличност и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван, изјави Кос.
Кос се разнежнува кога е во прашање Западен Балкан
Во воведното обраќање на лидерскиот самит на ЕУ – Западен Балкан кој се одржа во Скопје, еврокомесарката Кос рече дека може да се разнежни кога зборува за Западен Балкан бидејќи регионов ѝ е многу драг и сака да помогне најмногу што може за да преминат овие земји преку целта.
Кос им порача на лидерите на земјите од Западен Балкан дека Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан и дека Унијата е свесна оти клучните реформи што ги бара од земјите во регионот не се едноставни. Но, еврокомесарката ги уверува лидерите од Балканот дека на долг рок тоа ќе вреди бидејќи, како што рече, бенефитот е многукратен и подразбира безбедност, стабилност, просперитет за сите граѓани. Ги повика лидерите на земјите од Западен Балкан да ги водат промените на длабоката општествена трансформација која ја бараат реформите.
-Првпат во историјата на Европа, доколку правилно работиме, со процесот на проширување можеме да ја обединиме Европа. Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан. Слушам слични мислења во Копенхаген, Данска која го презема претседателството денеска, и во Берлин, во Варшава и во Париз и го подвлекувам ова, затоа што сакам да бидам јасна дека има јасен консензус за дополнително и итно проширување, сега. Не беше така во минатото, но имате шанса што морате да ја искористите, нема да трае секогаш и гледаме значаен прогрес, рече Кос.
Не прифаќаме уцени
Премиерот Мицкоски, пак, порача дека Македонија со отворено срце и разум чекори по европскиот пат, но се противи на уцените кои не се дел од европските вредности.
-Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за ЕУ, и туѓо за нас, порача премиерот Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката за проширување.
Мицкоски рече дека Македонија има јасна насока, нашите реформи не се декорација, туку потреба и дека нема да чекаме некој да нè турка.
-Ќе се движиме самите, со сопствената волја, со конкретен план и со јасна визија. Испорачуваме резултати, не затоа што тоа некој го бара од нас, туку затоа што тоа го заслужуваат нашите граѓани. Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што тоа ни го наложува некој, туку затоа што тоа е нашиот избор, нашиот пат, нашата определба. И затоа, благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме, да ги спроведеме реформите и да ја трансформираме државата, со инвестирање, со работа, со доверба во сопствените сили и со партнерство со ЕУ, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот посочи дека фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност и дека тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап.
-Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија, истакна Мицкоски.
На отворањето на лидерскиот самит на ЕУ и Западен Балкан посветен на Планот за раст, премиерот Христијан Мицкоски порача дека нашата сила е во обединетоста и стабилноста преку зајакнување на односите со нашите соседи и со Европската Унија, преку отворање нови пазари, нови работни места, нови пријателства, отстранување на бариерите за трговија, подобрување на инфраструктурата и зголемување на инвестициите.
На денешниот Самит ЕУ – Западен Блакан, чиј домаќин беше премиерот Христијан Мицкоски, учествуваа еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции. (В.С.Н.)