На победнички трон под македонското знаме!
Кариерата на Кароски започна во средното училиште во родниот Охрид, насока за козметички техничар. Веќе во 2017 година заминува за Италија, каде што на Фризерската академија научи мал милион корисни работи од овој занает кој е почитуван насекаде
„Не е важно колку пати паѓаш, важно е колку пати стануваш“, ова е животно мото на познатиот и сè популарен македонски шминкер, охриѓанецот Јован Кароски, кој пред некој ден се врати од убавата Малта, каде што како претставник на Македонија убедливо го освои првото место, во остра конкуренција меѓу другите 20 земји учеснички.
Благодарејќи му на Јован, кој во моментов е еден од најбараните топ-стилисти, на натпреварот во Малта „Malta Hair and Beauty Festival 2025“ за најдобрите шминкери (и фризери) бевме горди додека ја слушавме македонската химна, се радуваме на македонското знаме кое се виореше од победничкиот трон!
Инаку, кариерата на Кароски започна во средното училиште во родниот Охрид, насока за козметички техничар. Веќе во 2017 година заминува за Италија каде што на Фризерската академија научи мал милион корисни работи од овој насекаде почитуван занает. А, на овој меѓунареден натпревар на Малта, заедно со Македонија учествуваа и претставници од Франција, Холандија, Италија, Бугарија, Србија, Турција, Германија…
– Натпреварувањето за мене беше вистински предизвик, вели Јован за весникот ВЕЧЕР и за порталот vecer.press
Имаше повеќе категории во кои требаше да го покажеме нашиот талент, па така јас во категоријата „Red Carpet“, се претставив со впечатливата „банана“– пунџа, изработена со помош на прецизната техника, со исклучивото чувство за детали. Така станав вистински лидер меѓу 20 останати натпреварувачи. Мојата „изведба“ освои највисоки оценки од страната на строгото стручно жири, а тоа резултираше со заслуженото прво место. Тоа воедно се смета и за победник на „Malta Hair and Beauty Festival 2025“! Победата ја славевме до рани утрински часови со моите пријатели и со мојата екипа која беше со мене во Малта. Со нас славеа и многу наши Македонци кои живеат и работат на овој прекрасен медитерански остров, на кој пролета и летото се постојано присутни.
Покрај оваа победа, Јован се закити и со одличното второ место во категоријата шминка, во конкуренција од 10 учесници. Тоа ја потврдува неговата разновидност и неговиот талент во уметноста на убавината. – За моите успеси најблагодарен сум му на мојот ментор, Станче Кипријанов, без кого овој успех немаше да биде можен. Бев пресреќен, а тоа чувство навистина не може да се опише со зборови. Се работеше за моменти кои ќе ги паметам цел живот. Секогаш кога ја гледав сцената од овој важен натпревар, срцето ми трепереше од возбуда. А, кога го објавија моето име како победник и името на мојата држава, едноставно се чувствував да сум на врвот на некоја од највисоките планини на светот. Овој успех не е само моја радост, туку и потврда дека со труд и страст сè може да се постигне, изјави веселиот Јован.
За успехот на Јован Кароски сите сложно велат дека претставува значајна промоција на македонските млади таленти во светот на шминката, „мејкапот“, фризурата и естетиката. Со тоа, неговата кариера и во странство само што започнува и ветува уште многу меѓународни признанија.
Јован Кароски досега активно соработуваше со бројни истакнати личности од Македонија и Балканот, познати актерки, пејачки, политичарки, новинарки… со што дополнително се потврдува неговата репутација. Меѓу познатите кои беа и останаа неговите верни и благодарни клиент(к)и се, и: Неда Украден, Јелена Томашевиќ, Драгана Мирковиќ, Сања Долежал, Ивана Селаков, Александра Јанева, Елена Велевска и многу други.
(Д. Миќиќ)












