Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски ќе ја има својата регионална премиера во главната натпреварувачка програма на „Сараево филм фестивал“, кој ќе се одржува од денеска (15 август) до 22 август. Филмот е драма со примеси на комедија за еден млад јурук од јуручките села во Македонија, кој сонува да стане диџеј.
Во оваа програма се вклучени девет долгометражни филма, а три од нив ќе имаат светска премиера. Според Елма Татарагиќ, селектор на натпреварувачката програма – долгометражен филм, програмата е динамична мешавина од смела нарација, визуелна иновација и свежи перспективи, кои го одразуваат богатството на културната таписерија на регионот.
– Истакнувајќи го новиот бран филмски творци, програмата вклучува шест дебитантски филма што носат оригинални гласови и смели креативни пристапи на големото платно. Од интимни лични приказни до општествено релевантни драми, селекцијата успева да ги прикаже сложеноста и виталноста на денешната филмска сцена, ветувајќи ѝ на публиката импресивно патување низ разновидни стилови, теми и искуства – вели Татарагиќ.
Инаку, покрај македонскиот „Диџеј Ахмет“, во оваа програма ќе можат да се видат и филмовите „Видра“ на Срѓан Вулетиќ, „Југо флорида“ на Владимир Тагиќ, „Мални ѕвезди“ на Ренато Олаш, „Бел полжав“ на Елса Кремзер и Левин Петер, „Бог нема да помогне“ на Хана Јушиќ, „Фантазија“ – Кукла, „Sorella di clausura“ на Ивана Младеновиќ и „Ветру, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ. Наградите „Срцето на Сараево“, пак, се и парични, па така најдобриот игран филм ќе биде награден со 16.000 евра, со 10.000 евра најдобриот режисер, а најдобрите актер и актерка со по 2.500 евра.
Инаку, Сараевскиот филмски фестивал ќе биде отворен вечерва (15 август) со светската премиера на босанско-херцеговскиот филм „Павилјонот“, во режија на Дино Мустафиќ, а во кој меѓу регионалните актерски ѕвезди е и нашиот Мето Јовановски.
За наградата „Срцето на Сараево“ ќе бидат прикажани 50 наслови во четири главни натпреварувачки категории (долгометражен, документарен, краток и студентски филм), меѓу нив 15 светски премиери, шест меѓународни, 28 регионални и две национални премиери.