Француската премиера на делото „Дон Кихот во Скопје“ од Дијана Имери-Илкоска и од Дино Имери, изведена деновиве во волшебната париска црква „Petite Etoile“, беше дочекана со бурни овации и со ентузијазам. Публиката, видливо воодушевена од моќната интерпретација и од уникатноста на делото, не престануваше да ги враќа музичарите на сцената со силни и долги аплаузи.
Ова исклучително музичко дело, кое македонската публика го слушна првпат во октомври, во фоајето на Националната опера и балет, со камерниот оркестар ИД (ID), отпатува во Париз за својата прва меѓународна турнеја. Таму беше изведено од престижниот француски ансамбл „Хефестус“, под диригентската палка на Дијана Имери-Илкоска, со Дино Имери како пијано-солист и со Бојан Илкоски како концерт-мајстор. Покрај македонската премиера, концертот во Париз беше и промоција на најновите трендови во современата музика, дополнета со дела од француски, канадски и од италијански композитори.
За овој голем меѓународен момент, коавторката и диригентка Дијана Имери-Илкоска изјави: „Да се добие покана за настап со ансамбл како ‘Хефестус’, составен од врвни музичари, е огромно признание и за изведувачот и за композиторот. Дополнителната возбуда ја донесе и самата атмосфера во Париз. Кога прозвучи нашиот седумосмински ритам од финалето на првиот став меѓу делата на француските автори, ме преплави силна емоција, а публиката веднаш ја препозна и ни возврати со громогласни аплаузи“.
Коавторот и пијанист Дино Имери додава дека концертот, за него, има и длабоко лично значење.
– Создавањето и приемот на „Дон Кихот во Скопје“ уште еднаш ми ја потврдија универзалноста на борбата против трите ветерници: неправдата, лицемерството и рамнодушноста. Убаво е кога ја слушаш својата музика во рацете на музичари како „Хефестус“, посветени на новосоздадената музика. Емоцијата беше уште посилна затоа што го делев тој момент со Дијана на подиумот, со Бојан Илкоски како концерт-мајстор и со флејтистката Богдана Бушевска – вистински амбасадор на македонската култура во Париз – истакна Дино Имери.
Делото „Дон Кихот во Скопје“, напишано по нарачка на шпанската Амбасада, по повод Националниот ден на Шпанија, ја прераскажува борбата на славниот Сервантесов херој против трите современи „ветерници“: неправдата, лицемерството и рамнодушноста. Во приказната на авторката Тина Иванова, Дон Кихот доаѓа во Скопје, победува и ни остава порака: да ги слушнеме фанфарите не на победата, туку на човечкото достоинство.
Музички, делото претставува редок спој на шпанскиот и на македонскиот фолклор, обликуван во современ симфониски јазик, преку инвентивна оркестрација, ритмички пресврти и препознатлива мелодска експресија. Македонскиот „Дон Кихот“ го освои Париз. Ова е само почеток на неговото патување по светот.
Учеството на Дијана Имери-Илкоска и на Дино Имери во Париз беше овозможено со поддршка од Министерството за култура и туризам.












