Македонскиот документарен филм „Сонцето не грее на сите страни“ на продукциската куќа „Револушн“, а во режија на Глигор Кондовски на филмскиот фестивал во Србија ја освои наградата за најдобар документарен филм.

Осмото издание на Филмскиот фестивал „Равно Село“ се одржа од 27 – 30 јуни, а пред присутните љубители на филмската уметност беа прикажани 48 играни документарни и кратки филмови.

„Сонцето не грее на сите страни”, ја следи приказната за македонскиот Елвис Присли – Ване Црнгаров, роден во струмичкото село Куклиш, кој заминува за Австралија. Сиромаштијата го тера главниот карактер да почне да се занимава со музика и така да заработува за живот. Приказната се одвива и во Австралија каде тој настапува како легендарниот Елвис Присли, но и во селото Куклиш, по кое тагува и е носталгичен целиот живот. Документарниот филм изобилува со музика, која му дава боја на филмот, преку неа гледачот се поврзува со Ване и ја чувствува неговата болка. Мотивацијата да се снима овој филм е универзалната приказна на иселениците кои од различни причини заминуваат од родната земја, но како што вели и Ване – каменот си тежи на своето, соопштија од „Револушн“.

Музиката е на Глигор Кондовски, директор на фотографија е Слаѓан Милошевски, продуцент Дејан Милошевски, а монтажата на филмот е на Иван Костадиновски.

ИЗДВОЕНИ