Филмот „17“, најавен како жесток и суров, ја скицира егзистенцијалната, образовната, моралната ерозија на светот денес. Инспириран е од вистински настан, кога студентка го фрлила своето бебе во канта и заминала на апсолвентска екскурзија во странство. – Филмот не се занимава со барање одговори, не се занимава со обвинување, со морализирање, туку се занимава со тоа кои луѓе, институции и тишини дозволиле да се случи такво нешто, рече режисерката Косара Митиќ на денешната прес-конференција

Македонскиот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, својата светска премиера ќе ја има во рамки на селекцијата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал што годинава ќе се одржи од 12 до 22 февруари. Селекцијата „Перспективи“ на Берлиналето има натпреварувачки карактер и опфаќа филмски таленти од целиот свет кои дебитираат на интернационалната филмска фестивалска сцена и кои се одликуваат со храбар кинематографски израз.

„17“, дебитантско долгометражно остварување на Митиќ, каде што таа, заедно со хрватскиот режисер и сценарист, Огњен Свиличиќ, го потпишува и сценариото, обработува тема посветена на младите кога тие се во своите критични тинејџерски години, кога се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината, но и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи. Филмот, најавен како жесток и суров, зборува за предизвиците на современото општеството, во локален и во глобален контекст, и ја скицира егзистенцијалната, образовната, моралната ерозија на светот денес. Инспириран е од вистински настан, односно, преставува екранизирање на една шокантна вест која одекна во нашите медиуми кога студентка, во 2016 година, го фрлила своето бебе во канта и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.

– Филмот ’17’ претставува авторски крик за будење на општеството. Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, проблеми кои не сакаме да признаеме дека постојат. Успехот на филмот кој, несебично го очекував уште во фазата на неговите подготовки, се случи. Селекцијата во програмата „Перспективи“ на Берлинале е потврда дека на филмот навистина му претстои светла иднина. Соработката со Косара Митиќ на нејзиниот долгометражен првенец и младата актерска екипа, потврдува дека македонскиот филм може и има потенцијал, изјави продуцентот на филмот, Томи Салковски, на денешната прес-конференција.

Додаде дека ова е филм кој не ги затвора проблемите, туку ги отвора.

Сакаме да покажеме како живееме, односно, дека секојдневно сите ние премолчуваме некои работи што се случуваат, истакна Салковски.

Дејството на филмот ја следи седумнаесетгодишната Сара, која поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.

Како што истакна, пак, режисерката Митиќ, првиот импулс за да го направи филмот дошол од вистинскиот настан.

Прочитав една вест за девојка која отишла на апсолвентска екскурзија, тргнала и се породила во јавен тоалет, во оставила бебето во канта за отпадоци и се вратила назад на патувањето како ништо да не се случило. Мислам дека кога го прочитав тоа, самиот чин дека никој не знаел за тоа дека е бремена ме вознемири многу повеќе отколку самиот акт. И се прашав како е возможно тоа. На некој начин, тоа не е индивидуален неуспех, туку колективен. Така што филмот не се занимава со барање одговори, не се занимава со обвинување, со морализирање, туку се занимава со тоа кои луѓе, институции и тишини дозволиле да се случи такво нешто, рече таа.

Додаде дека, во филмот, двете тинејџерки (Сара и Лина) поминуваат низ многу трауматично искуство кое, на некој начин, им го моделира животот. И дека остварувањето, всушност, се однесува за младите жени денес кои се опкружени со физичко и психичко насилство, но и дека постои колективна тишина околу тоа. Она што останува невидено или неискажано одразува како насилството често се нормализира или игнорира.

Мислам дека тишината што ги опкружува е најбрутална и, на некој начин, најсилна, посочи Митиќ.

Според режисерката, вистинскиот настан зад „17“ носи тежина надвор од киното, па затоа нејзината одговорност била прво етичка, а потоа уметничка.

Како што рече на прес-конференцијата директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, премиерата на филмот „17“ на Берлиналето претставува национален успех.

Во филмот, главните улогите ги толкуваат Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а играат и Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Анѓела Стојановиќ и Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Владимир Павловски. Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, а копродуценти Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник.

Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“ во копродукција со „Арт и попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски центар, СЕЕ Синема нетворк (SEE Cinema Network) и Синелинк ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски филмски фестивал. Меѓународната продажба на филмот ја преземаат реномираните „Tотем филмс“ со седиште во Париз.

Продукцијата на филмот започна во април, 2024 година, а снимањето беше реализирано во Скопје и Битола и на други локации низ државата.

Инаку, Косара Митиќ (1987, Скопје), има дипломирано на ФДУ на филмска и ТВ-режија во 2013 во класата на проф. Столе Попов, а досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013), кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ