понеделник, февруари 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „МАКЕДОНСКИ МОЗОЦИ“ ВО НАЈНОВИТЕ ДОСИЕЈА ЗА ЕПСТАЈН: Ткива изнесувани во куфери до...

„МАКЕДОНСКИ МОЗОЦИ“ ВО НАЈНОВИТЕ ДОСИЕЈА ЗА ЕПСТАЈН: Ткива изнесувани во куфери до Америка?

1768
 Во најновите објавени материјали поврзани со Џефри Епстајн се споменува дека мозочни примероци од Македонија завршувале во американски научни бази, со опис дека биле транспортирани „во куфери“ преку комерцијални летови. Ова отвори сомнеж во јавноста дали ткивата биле изнесувани целосно транспарентно и по сите процедури? Соработката, според проектен извештај, објавен на американската медицинска библиотека, започнала уште во 1996 меѓу Институтот за судска медицина во Скопје и Колумбија, а доктор Алексеј Дума тврди дека сè било легално, со дозволи и протоколи.

Дел од најновите објавени материјали поврзани со Џефри Епстајн, го свртеа вниманието на македонската јавноста, околу наводи дека во американски научни бази, се користеле и мозочни примероци обезбедени од Македонија. Станува збор за истражување направено од американските професори Џон Ман и Викторија Аранго, за мозокот на депресивните жртви на самоубиство, објавено во декември 2001 година, а за чии потреби според најновите документи објавени на интернет страницата на американското министерство за правда, биле користени ткива од земјава посредувани преку колега со македонско потекло од универзитетот во Колумбија

„ Сега тие собрале колекција од околу 1.000 човечки мозоци – некои од жртви на самоубиство, другите, контролни мозоци – уредно складирани во замрзнувачи чувани на -112 степени Целзиусови. Малата балканска земја Македонија придонесува со најновите мозоци, благодарение на член на факултетот од Колумбија од таму кој помогна во организирањето. Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по отстранувањето и се пренесуваат во куфери, со придружба, околу 4.700 милји за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, со QR код. Внатре се дисецирани делови од розово ткиво во пластични кеси означени со маркери: десна страна, лева страна, датум на собирање“, пишува во текстот што циркулира како дел од новите објави на американското министерство за правда, а со наслов  „Стар лек што би можел да го реши проблемот со самоубиство во Америка“.

Дали навистина ткива од мртви мозоци од средината на 90-те допринеле во американската научна медицина, весникот Вечер го праша поранешниот директор на судска медицина професорот Алексеј Дума. Неговиот одговор беше „Да“,  „Истражувањата беа легални и по протокол, но не станува збор за илјада туку за десетина ткива кои беа изнесени согласно сите процедури, вели професорот за ВЕЧЕР кој бил еден од учесниците на научната соработка со американските колеги.

Соработката од 1996: Скопје – Њујорк, обдукции и истражувања

Во извештај на американската медицинска библиотека се опишува дека уште во 1996 година започнала научна соработка меѓу Државниот психијатриски институт на Њујорк (во рамки на Универзитетот Колумбија) и Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје. Според документот, предмет на соработката била невропатологијата на психијатриски нарушувања, со план примероците од обдукции и клинички информации да се собираат во Македонија, а дел од невропатолошките анализи да се вршат во Њујорк.

Во извештајот се наведува дека Македонија била избрана поради висока стапка на обдукции и достапен стручен кадар, додека американската страна имала силна инфраструктура, но мал број психијатриски обдукции. Како дел од проектот се споменуваат обуки, размена на кадар и развој на протоколи за собирање и обработка на ткива. Во извештајот стои и дека изнесувањето на ткивото од Македонија било административно чувствително и барало дозволи од Министерството за здравство, како и формален извоз преку експедитор, а примероците често се носеле како чекиран багаж на комерцијални летови.

– Македонските патолози беа обучени како да собираат замрзнати примероци, а неколкумина ја посетија Колумбија за да набљудуваат како се користат примероците, стои во посебниот извештај за соработката на македоснките патолози со нивните американски колеги.

„ Ние како држава имавме голем бенефит од истражувањата – ни донесоа опрема, наши млади кадри одеа во Америка на обука. Се задржавме единствено на истражувања од морфолошки тип“, наведува Дума, додавајќи дека тогаш, за испраќање ткиво, бил неопходна согласност од семејството на починатиот.

Сомнеж во јавноста: легална процедура или „изнесување во куфери“?

Описот во документите за транспорт на ткива од мозоци во куфери како авионски багаж, во комбинација со чувствителноста на темата и поврзувањето со „Епстајн досиејата“, отворија сомнежи во дел од јавноста дали примероците биле изнесувани целосно транспарентно и во согласност со сите процедури.

Од друга страна, во самиот проектен извештај  се потенцира дека најголемата пречка биле токму административните дозволи за извоз од Македонија, што укажува дека процесот не бил едноставен и се одвивал со формални институционални чекори.

–Административните проблеми во Македонија можеби би биле непремостливи без личното внимание на еден од авторите Г.Р, (се мисли на професосор Горазд Росоклија) за време на посетите на Македонија. Најголемата тешкотија беше да се добие дозвола за изнесување на ткивото од Македонија (наспроти тоа, дозволата за негово внесување во САД беше добиена со едно барање до Центрите за контрола на болести), стои во извештајот од научната соработка.

Дума вели дека истражувањето било искористено за целите на професорот Џон Ман од универзитетот во Колубија  за решавање на мистеријата со американските самоубиства, а чие истражување било цел на новинарски извештаи објавени во досиејата на Епстајн.

– Бројката од околу 1.000 примероци најверојатно се однесува на вкупната база на американската институција, а не конкретно на Македонија. Во земјава тогаш годишно имаше околу 300–350 обдукции, а случаи на самоубиство беа „десетина“, вели Дума. Тој вели дека соработката продолжила, а мозоци почнале да се истражуваат и на Институтот за судска медицина.

Иако документите и изјавите на инволвираните упатуваат на научна рамка и институционална соработка, јавноста ги отвори прашањата за тоа колку примероци реално биле изнесени, по кои години, со каква документација и дали постоела целосна транспарентност и домашна контрола на процесот – особено поради чувствителноста на темата и актуелниот интерес што го предизвикаа најновите објави поврзани со Епстајн.

-Соработката сега собира приближно 25-75 мозоци годишно, со среден интервал на обдукција од 13 часа. Исеченото ткиво се замрзнува. Податоците од ткивото и клиничките податоци се користени во 39 финансирани истражувачки проекти во САД, Канада и Македонија, стои во извештајот на македоснко-американското истражување за кои професорот Дума вели дека било искористено од научникот Ман спомнат во последните контровезни досеја на озогласениот Епстин. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ