Македонскиот фудбалски репрезентативец, Димитар Митровски (26), е најскапото засилување во историјата на Олимпија од Љубљана. Ова го потврди и словенечкиот шампион.
Иако сумата сè уште не е позната и тоа колку инкасирал хрватски Вараждин за овој трансфер, со оглед на тоа што досега најплатен играч е Нигериецот Блесинг Елеке, се претпоставува дека Олимпија платила повеќе од 800.000 евра отштета за 26-годишниот десен крилен напаѓач.
- Македонскиот репрезентативец Димитар Митровски им се придружи на „змејовите“ како рекордно засилување на актуелната управа! Тој потпиша договор до летото 2028 година, соопшти Олимпија.
Митровски има одлична сезона зад себе во која постигна осум гола на 28 лигашки настапи за Вараждин, а неговата проценета пазарна вредност е 1,5 милиони евра.
Со оглед на висината на надоместокот и позицијата на која игра, Митровски ќе го замени Раул Флоруч во дресот на Олимпија, кој наскоро треба да биде замине во странство. Тој има осум настапи за репрезентацијата на Македонија и беше дел од дуелите против Белгија и Казахстан во јунскиот прозорец, каде влезе од клупата за резерви.
Во Вараждин пристигна од Брера во јануари 2023 година, а во текот на кариерата беше член и на Работнички, Ханза Росток, Магдебург и Спортинг Лисабон. Од хрватскиот прволигаш му се заблагодарија на нашиот Митровски.
- По две и пол сезони, Димитар Митровски ја завршува својата приказна во нашиот клуб каде што остави длабока трага. Во тој период, одигра 71 натпревар, постигна 13 гола и додаде три асистенции, а особено ќе ја паметиме минатата сезона, во која, со осум гола, беше еден од клучните играчи во историските квалификации за Лигата на конференции на УЕФА. Почитувајќи ја неговата желба за нови предизвици и условите договорени по неговото пристигнување во Вараждин, клубовите Вараждин и Олимпија Љубљана постигнаа договор за трансфер, па Димитар ќе ја продолжи својата кариера во редовите на словенечкиот шампион. Драг Дими, ти благодариме за посветеноста, енергијата и емоциите што ги остави на теренот и ти посакуваме среќа во новото поглавје, се вели во објавата на официјалната страница на ФК Вараждин.