Екипата на Вардар може да остане без еден од најдобрите ракометари во наредната сезона, бидејќи сè погласни се најавите за заминување на Украинецот Дмитро Хорика во унгарски Пик Сегед, по крајот на актуелната сезона.
Иако нема официјална потврда за трансферот, „Хендбол бејс“ пишува дека Хориха ги договорил сите детали со Пик Сегед и дека од лето се сели таму.
View this post on Instagram
Но, со преселбата во Сегед, тој, веројатно, ќе го загуби македонскиот пасош, а со тоа и настапот за Македонија во иднина.
- Хориха и унгарскиот гигант Пик Сегед се согласиле за сите услови за трансферот, според кој левиот бек ќе пристигне во Унгарија во летото 2026 година. Сегашниот играч на Вардар треба да стане едно од клучните засилувања на Сегед, бидејќи тој продолжува да гради состав способен да се натпреварува на највисоко европско ниво. Сепак, процесот на трансфер беше далеку од едноставен. Најголемата пречка се покажа со пасошот на Хориха. Украинскиот интернационалец наводно бил подготвен да добие македонски пасош, но еден од условите поврзани со тој процес барал тој да остане во Вардар најмалку уште една година. Како ќе бидат решени административните детали на крајот, останува да се види, бидејќи сè уште нема конкретни информации во врска со конечниот исход од тоа конкретно прашање – пишува „Хендбол бејс“.
Хориха, очигледно, нема да ги дочека тие 36 месеци, со тоа нема да може да игра за нашата држава, па таа би требало да му го одземе пасошот. Проблем за него е што веќе нема ниту украински пасош.
Украинецот е најдобриот ракометар на Вардар и ќе биде од исклучителна важност до крајот на сезоната во борбата за шампионската титула. Но, засега нема официјална потврда од клубовите околу неговиот трансфер, иако се вели дека е комплетиран договорот.
Постојат и неколку фактори што го прават трансферот многу веројатен, а тоа е дека Пик Сегед е европски гигант со поголем буџет и амбиции, како и тоа дека Вардар веќе работи на пронаоѓање негова замена, што значи дека се подготвува за негово заминување.











