Македонскиот КИЦ во Белград, неделава е домаќин на врвни македонски музички изведувачи, кои со светски позната музичка програма, но и со програма од македонски композитори, се претставуваат пред белградската публика.
Во преполна сала на Културниот центар на Белград, вчеравечер во срцето на градот, на улицата „Кнез Михајлова“,со својата интерпретација блеснаа нашите две реномирани пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева. Во едночасовната програма за четирирачно пијано, професорките Гацева и Џорлева одржаа вистински час за висока професионалност и исклучително сугестивна интерпретација на дела од Ерик Сати, Едвард Григ и Антонин Дворжак, а долги аплаузи измамија со интерпретацијата на дело од македонскиот композитор Дамјан Темков, за што беа вратени на бис.

Концертот го отвори директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров, а истиот е реализиран во партнерска соработка помеѓу нашиот КИЦ и Културниот центар на град Белград.
На 12 ноември, пак, во 19 часот, во просториите на КИЦ во Белград ќе се претстави реномираниот дувачки квинтет Консонанс со: Маја Чанаќевиќ (англиски рог); Јана Каевска (флејта); Здравко Ангелов (кларинет) и Сашко Темелковски (бас кларинет). На програмата ќе бидат изведувани дела од Чајковски, Барток и Стравински, но и дела од тројца македонски композитори, Цанев, Чедомирски и Илиевски.
„Оваа недела е вистински празник за македонската музичка репродуктивна уметност бидејќи пред некој ден, на 6 ноември, во Народниот Музеј на Србија во Белград, бевме поддршка на младиот виртуоз на гитара, 14-годишниот Коста Давчевски, со кого КИЦ Белград планира во Програмата за 2026 година да организира неколку концерти и да го претстави и на македонската и на српската публика, а деновиве ни доаѓаат вистински докажани музички изведувачи, за кои сме убедени дека на највисоко можно репрезентативно ниво ќе ја претстават македонската музичка репродуктивна уметност пред белградската публика“, посочуваат од македонскиот КИЦ во Белград.












