Германски истраги ја вклучуваат земјава во скандалот со „MИЛТОН ГРУП“
Кол-центри од Македонија биле дел од меѓународна измамничка шема со која со години биле ограбувани граѓани од Германија, Австрија и од Швајцарија, а штетата надминува 230 милиони евра. Германија веќе започна судење против наводниот шеф на мрежата „Mилтон груп“. Од Генералното јавно обвинителство во Бамберг, Германија, соопштија дека по повеќегодишни интензивни истраги спроведени заедно со Криминалистичката полиција за централни задачи на Горна Франконија, Централната служба за сајбер криминал на Баварија подигнала обвинение против наводниот водач на меѓународната измамничка мрежа „Mилтон груп“, која, според обвинението, оштетила над 1.000 лица само во Германија. Германските медиуми објавија дека станува збор за 50-годишниот Михаил Биниашвили, со израелско и грузиско државјанство, познат и по прекарот Мишка, додека во мрежата бил вклучен и Амант Јосифи, поранешен советник на албанската министерка за одбрана, Олта Џачка, и поранешен бизнис-партнер на братот на премиерот Еди Рама, Олси Рама. Според информациите, Јосифи моментално живее во Дубаи и се обидува да избегне екстрадиција во Шпанија.
Од македонското Министерство за внатрешни работи потврдија за весникот ВЕЧЕР дека македонската полиција е вклучена во истрагата.
– Ве известуваме дека Секторот за компјутерски криминал при МВР е запознаен и вклучен во истрагата со германската полиција во однос на кол-центрите стационирани во Македонија што нудат лажни инвестициски платформи – одговорија кусо од МВР на прашањето дали е запознаена и вклучена македонската полиција во истрагата на германската полиција за сајбер криминал организиран од кол-центри стационирани во Албанија, Грузија, Македонија и во Украина, нудејќи лажни инвестициски платформи на европски граѓани.
Глобална шема
Истрагите во Германија откриваат дека Биниашвили раководел со кол-центар со околу 600 вработени во Тирана, кој управувал со најмалку 28 измамнички платформи и оштетил стотици граѓани во Германија, Австрија и во Швајцарија. Тој е обвинет и за развој на софтверот „PumaTS“, кој бил користен од над 400 лажни финансиски интернет-страници.
– Вработените во овие кол-центри ги наведувале измамените клиенти да инвестираат често високи парични суми на бројни измамнички платформи, верувајќи дека станува збор за профитабилни инвестиции (т.н. сајбер-тргување). Сторителите лажно претставувале дека обезбедуваат дигитални платформи за тргување со најразлични финансиски инструменти. Инвестираниот капитал, по правило, целосно се губел. Оштетените инвеститори често биле намамувани преку измамнички рекламни кампањи со познати личности и политичари – стои во соопштението на Јавното обвинителство во Бамберг.
Германските власти информираа дека Мишка бил уапсен во Ерменија во август 2023 година и екстрадиран во Германија во мај 2024 година, каде што моментално се наоѓа во притвор во затвор со висока безбедност во Баварија.
Станува збор за истата мрежа во која учествувал и Амант Јосифи. Но, за разлика од својот ортак, Михаил Биниашвили, Јосифи успеал да ѝ избега на правдата.
Поранешниот советник на албанската министерка за одбрана, Олта Џачка, и поранешен бизнис-партнер на братот на премиерот Еди Рама, Олси Рама, моментално живее во Дубаи и се обидува да избегне екстрадиција во Шпанија. Во периодот 2015–2022 година, заедно со Биниашвили, изградил сајбер платформа за измами, злоупотребувајќи ја довербата на европските граѓани за да ги присвојат нивните средства.
Во истрагите на германските органи за спроведување на законот се вклучени и други лица, меѓу кои и компјутерски програмери, кои биле свесни за измамата. Германските власти сериозно ги истражуваат сигналите и пријавите од различни граѓани, кои биле искористени и оштетени од овие кол-центри до степен да го загубат целиот свој имот.
Од Генералното јавно обвинителство во Бамберг детално ги објаснуваат шемата на криминалната група и конкретните обвиненија против осомничениот Мишка.
Оттаму појаснуваат дека прво, од крајот на 2014 година до мај 2019 година, тој наводно раководел со кол-центар во Тирана, Албанија, кој во последната фаза имал околу 600 вработени. Овој кол-центар пласирал најмалку 28 измамнички платформи и оштетил околу 180 лица од Германија, Австрија и во Швајцарија, со вкупна штета од приближно 8 милиони евра.
– Сепак, скриената (нерегистрирана) штета е повеќекратно поголема. Запленетата сметководствена документација покажува дека само во периодот од јануари 2018 до мај 2019 година штетата во Германија изнесувала речиси 10 милиони евра, а на глобално ниво речиси 50 милиони евра – стои во известувањето од Обвинителството.
Понатаму, додаваат дека во периодот 2017–2018 година, ИТ-специјалисти, по налог на обвинетиот, развиле софтвер за измамничко сајбер тргување со назив „PumaTS“. Овој софтвер првично бил користен во неговиот сопствен кол-центар, а потоа, од мај 2019 година, па сè до претресите во ноември 2022 година, бил дистрибуиран од Тбилиси, Грузија, со помош на околу 15-20 вработени. Врз основа на овој софтвер, велат од германското Обвинителство, биле управувани околу 400 измамнички платформи.
– Обвинетиот им нудел и дополнителни услуги на измамничките кол-центри, како помош при основање фиктивни компании. На овој начин, тој наводно придонел 540 лица од германско говорното подрачје да бидат оштетени со вкупна сума од околу 44 милиони евра. Еден оштетен граѓанин од Австрија, во период од само седум месеци, загубил повеќе од 11 милиони евра на лажната инвестициска платформа „CryptoKartal“. И во овој случај, скриената штета е значително поголема. Запленетата сметководствена документација покажува дека само во периодот од февруари 2019 до декември 2020 година, вкупната глобална штета изнесувала најмалку околу 130 милиони евра – стои во соопштението од Генералното обвинителство во Бамберг.
Четири години затвор за лидер на групата во Македонија
Во обвинението стои дека Централната служба за сајбер криминал на Баварија му става на товар на обвинетиот докажана штета од околу 52 милиони евра, поткрепена со кривични пријави, како и глобална „скриена штета“ од најмалку 180 милиони евра. Се смета дека лично му биле исплатени околу 29 милиони евра.
Старот на судењето на Михаил Биниашвили беше закажан за денеска во Покраинскиот суд во Бамберг. Биниашвили се соочува со обвиненија за организирана измама и стекнување корист како дел од криминална група. За неговото обвинение е предвидена казна од 1 до 10 години затвор за секој поединечен случај на измама.
Од Обвинителството соопштија и дека продолжуваат истрагите против други членови на криминалната група, а неколкумина соучесници се наоѓаат во истражен притвор.
– Во декември 2025 година, едно водечко лице од кол-центар на „Mилтон груп“ во Северна Македонија беше правосилно осудено на четири години затвор – стои во германското соопштение.
И покрај тоа што германското Јавно обвинителство во Бамберг експлицитно наведува дека водечко лице од кол-центар на „Mилтон груп“ во Македонија веќе е правосилно осудено на четири години затвор, македонската јавност нема одговор на клучните прашања: кое е осуденото лице, кога и пред кој суд е донесена пресудата и дали станува збор за постапка водена во Македонија или во странство?
Дополнително, останува нејасно колку кол-центри поврзани со оваа мрежа оперирале од територијата на државата, колку лица биле предмет на истрага и дали се водат активни кривични постапки пред македонските судови. Од МВР потврдуваат дека Секторот за компјутерски криминал е вклучен во меѓународната истрага, но нема детали дали има поднесено обвиненија во земјава, дали се водат финансиски истраги и дали е замрзнат или одземен имот стекнат со измами врз европски граѓани. (В.С.Н.)












