Во средиштето на декемвриската програма на Кинотеката на Македонија се новите македонски филмови, кои ги реафирмираат свежината и зрелоста на домашната продукција. Премиерите на долгометражните наслови од Георги Унковски „Диџеј Ахмет“ (11, 12 и 20 декември), од Теона Стругар-Митевска „Мајка“ (18, 19, 24 и 25 декември) и од Јани Бојаџи „Утре наутро“ (16 и 17 декември) цртаат жанровски и стилски шаренолик пејзаж – од урбани енергии и интимни духовни слоеви до егзистенцијални драми испишани со морална тежина

Декември во Кинотеката на Македонија пристигнува како месец во кој македонската кинематографија и европското авторско кино се пресретнуваат во едно заедничко, пулсирачко движење.

– Овој пат, декемвриската магија не се исцрпува во формална програмска понуда – таа станува мапа на нов заеднички дух што се создава меѓу авторите, публиката и институциите, дух што го афирмира филмот како колективно доживување и просторно-емотивна точка на повторно поврзување, посочуваат од Кинотеката.

„Мајка“

Во средиштето на програмата се новите македонски филмови, кои ги реафирмираат свежината и зрелоста на домашната продукција. Премиерите на долгометражните наслови од Георги Унковски „Диџеј Ахмет“ (11, 12 и 20 декември), од Теона Стругар-Митевска „Мајка“ (18, 19, 24 и 25 декември) и од Јани Бојаџи „Утре наутро“ (16 и 17 декември) цртаат жанровски и стилски шаренолик пејзаж – од урбани енергии и интимни духовни слоеви до егзистенцијални драми испишани со морална тежина.

– Сето тоа зборува за домашна сцена што созрева гласно, самосвесно и креативно храбро, истакнуваат од Кинотеката.

„Утре наутро“

Програмата, понатаму, ја прошируваат и внимателно избраните европски филмови од актуелниот фестивалски корпус: новиот филм на Паоло Сорентино, со Гери Олдман во една од улогите – „Партенопа“ (26 декември), како и најновото дело на романскиот автор Раду Жуде – „Континентал 25“ (25 и 26 декември).

– Со овие проекции, Кинотеката се позиционира како значајна точка на контакт со современото европско авторско размислување – кино што дише со филозофски нијанси, хумор, меланхолија и социјална свесност, истовремено отворајќи прозорец кон поширокиот хоризонт на модерната филмска естетика, додаваат од оваа институција.

Особено значајно е што дел од декемврискиот репертоар ќе биде исполнет и со програмата на „Синедејс“ 2025. Фестивалските проекции ќе се прелеат во просторот на Кинотеката, создавајќи динамична филмска сцена каде што локалното и меѓународното се движат синхронизирано – како две траектории што постојано се допираат, надополнуваат и го збогатуваат културниот пејзаж. Интеграцијата со „Синедејс“ носи дополнителна фестивалска енергија: нови откритија, неочекувани естетики, авторски гласови и филмски разговори што продолжуваат и по изгаснувањето на последниот кадар.

– Во ваквиот контекст, овој декември Кинотеката не е само место за проекција – таа станува простор на препознавање и културно собирање, каде што публиката повторно ја открива радоста на вистинското кино. Месец исполнет со длабочина, авторитет и искрен ентузијазам, кој на самиот крај од годината нè потсетува на една едноставна, но битна вистина: филмот останува најплеменитата уметност што умее да нè обедини, воздигне и да нè преобликува. Со оваа богата програма, Кинотеката ја затвора 2025 година во дух на уметничка зрелост и нови почетоци – месец што јасно покажува дека македонскиот филм, европската авторска традиција и фестивалскиот пулс на регионот можат да постојат во исто живо, блескаво киноплатно, додаваат од Кинотеката.

ИЗДВОЕНИ