Македонски државјанин исчезнат по пожарот во Швајцарија, МНР во контакт со надлежните служби

88

Македонски државјанин е исчезнат по пожарот што избувна на 31 декември во барот „Констелејпн“ во туристичкиот центар Кран-Монтана, Швајцарија. Семејството и пријателите на младиот Стивен Ивановски упатија јавен апел за помош, откако од моментот на несреќата нема информации за неговата судбина.

Според досегашните сознанија, Стивен бил присутен во објектот во моментот кога избувнал пожарот, по што му се губи секаква трага. Како што информира семејството, во моментот на исчезнувањето бил облечен во бели панталони и бел дуксер, а можно е со себе да ги имал и препознатливите очила за сонце кои се гледаат на фотографиите споделени на социјалните мрежи.

Семејството апелира до сите кои можеби го виделе Стивен или располагаат со какви било информации за неговото движење, како и до оние кои имаат сознанија дали бил примен во болниците во Женева или Цирих, веднаш да се јават на телефонските броеви:
076 415 0868, 076 385 7165 и 078 229 5745.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн е во постојана комуникација со надлежните институции во Швајцарија.

„Во моментов е во тек процес на идентификација на лицата настрадани во пожарот во Кран-Монтана и засега нема потврдени информации за загинати или повредени македонски државјани. Амбасадата внимателно ја следи состојбата и е во постојан контакт со семејството на лицето за кое се бараат информации, како и со кантонската полиција“, соопштуваат од МНР.

Од Министерството додаваат дека Амбасадата е во целосна подготвеност да обезбеди помош и поддршка, а контакт информации за граѓаните се објавени и на официјалните канали на институцијата.

Во случај на потреба од дополнителни информации или асистенција, граѓаните можат да се обратат на дежурниот телефон на Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн: +41 79 923 79 57.

ИЗДВОЕНИ