Mакедонски амбиент за Денот на независноста во КИЦ во Белград

28

Во преполниот салон на македонскиот КИЦ во Белград, пред бројна публика, претставници на дипломатскиот кор, на македонската заедница во Србија и на белградската академска и уметничка средина, вчеравечер по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија се одржа свечен празничен концерт на Скопскиот дувачки квинтет кој предизвика исклучителни емоции и долги аплаузи. Во состав на Скопскиот дувачки квинтет настапија: Марија Јакимовска, флејта; Васил Атанасов, обоа; Ристо Ѓоревски, кларинет; Орце Ицковски, фагот и Александар Гошев, хорна, а на програма беа исполнети дела од Хајдн (Дивертименто), Фаркаш (Унгарски танци), Бизе (Кармен) и повеќе македонски композиции и обработки од Бранѓолица (Три пиеси), Прокопиев (Суита, Лабин и Дојрана), Агостини (Суита Македонија), Смокварски (Тешкото).

Внимателно одбраната музичка програма за овој повод, во која доминираа теми од современото македонско музичко творештво и обработките на традиционални македонски музички теми, вистински ја одушевија белградската публика и создадоа вистински македонски амбиент во просторот на нашиот КИЦ во Белград.

Настанот го поздрави домаќинот и организатор на концертот, Васко Шутаров, а од име на Скопскиот дувачки квинтет се обрати Васил Атанасов.

Во КИЦ Белград, во рамките на чествувањето и одбележувањето на Денот на независноста, на 10 септември, во 19 часот, ќе биде отворена и репрезентативна групна изложба од современото македонско ликовно творештво со дела на десетина познати современи ликовни уметници, под наслов „Простори на коњункција” која се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија.

ИЗДВОЕНИ