Со претставата „Пламенка“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева, а по истоимениот роман на Петре Димовски објавен пред 30 години, Битолскиот театар утревечер (19 февруари) ги започнува премиерните изведби за оваа година.
Во „Пламенка“, која е копродукциска претстава на Интимен театар, Центарот за култура и Битолскиот народен театар, играат: Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска-Дранговска, Вероника Ефтимова и Валентин Дамчевски.
Според режисерката Ристевска, се работи за претстава за жената низ сите премрежиња на македонската историја. Присуството на жената и општествено политичките ситуации во кои се бори таа, според неа, се многу важни.
Актерките Ефтимова, Степановска и Андоновска-Илијевски го играат ликот на Пламенка во сите фази од нејзиниот живот, исполнет со секојдневната борба на преживување во воени услови.
Според Андоновска-Илијевски, иако сме навикнати да слушаме во македонската драматургија за македонската жена, за нејзината сила, нејзиниот непокор, за трагедиите што се случувале во текот на војна, претставата е само уште едно потсетување дека секоја фамилија има по неколку Пламенки во својот живот. Таа посочи дека претставата не е класична театарска постановка, туку комбинација на поезија, актерска игра, музика и голема емоција.
Актерот Валентин Дамчевски, кој е единственото машко во претставата, пак, посочи дека, за него, Пламенка е еден омаж за жената.
Според директорот на Театарот, Васко Мавровски, и годинава фокусот ќе биде на македонската драматургија.
– Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на „Жиголо“ во режија на Благој Мицевски, а по текст на Игор Кузмановски. Оваа 2026, пак, ја започнуваме со праизведба на романот на Петре Димовски – „Пламенка“. Тоа зборува дека сме доследни во континуитет. За неполни дванаесет месеци, имаме рекорден број премиери во историјата на Битолскиот театар, а тоа се тринаесет премиери – вели Мавровски.
Тој истакна дека Битолскиот театар успеал да го зголеми бројот и на посетители и на претстави. Бројот на публиката, додава, е зголемен од седумнаесет илјади на триесет и четири илјади или за околу 98 проценти, а бројот на изведби на претстави од осумдесет и седум на 187, што укажува на големиот интерес на битолчани за театарот.











