Младата македонска уметница Олимпија Камчева-Стојческа доби престижна награда во Венеција – „SantiPharma Award“, која се доделува на млади уметници што преку своето творештво обработуваат актуелни општествени и визуелни теми.
Ова признание е во рамките на меѓународниот конкурс „Arte Laguna Prize“ во Венеција, Италија, а го доделува жири од светски влијателни професионалци од светот на уметноста, истакнати куратори, уметнички критичари, директори на галерии и институции, како и влијателни професионалци од глобалната уметничка сцена.
Тие го оценуваат делото во однос на неговата оригиналност, уметничката вредност и современиот визуелен јазик, а селекцијата се смета за особено релевантна и кредибилна поради независниот и интернационален карактер на процесот.
Делата на Камчева-Стојчевска се препознатливи по силниот колорит, експресивната форма и по современиот визуелен јазик, преку кој ги истражува состојбите на модерното време и визуелната култура на секојдневието.

– Ми претставува голема чест што сум избрана за добитник на специјалната награда „SantiPharma Award“. Ова признание има особено значење за мене, не само како професионален успех туку и како силна мотивација да продолжам да создавам, да учам и постојано да ги поместувам сопствените креативни граници – посочува Олимпија, која има реализирано шест самостојни изложби, претставени во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција и во Монако.
За претходните изложби, таа има добиено одлични рецензии од истакнати уметници и ликовни критичари, кои ги препознаваат нејзините енергија, експресивност и современ пристап кон визуелниот израз.
Професорот Антони Мазневски, следејќи ја работата на Олимпија, истакна: „Вродената естетика и интуитивноста, како највисок степен на сознание, се клучни чинители во креативната демиургија и творештвото. Таква е состојбата со многу младата авторка Олимпија и такви се нејзините ликовно-експресивни проекции и вредносни фантазии, нејзините свет и дух. Таква е и сликата на и за Олимпија: весела, луцидна, ауратична.
Со добивањето на „SantiPharma Award“, нејзиниот уметнички пат добива уште една силна меѓународна потврда.
Во моментов, младата и талентирана македонска уметница ја подготвува својата седма самостојна изложба, која ќе биде претставена следната година, пред публиката во Виена. Потоа ќе следуваат голем број уникатни уметнички проекти потпишани од неа.
За фотографијата на која е прикажана таа и нејзиниот портрет изработен со вештачка интелигенција, Олимпија ќе каже: „Како да ја гледам сопствената еволуција во реално време. Моето патување никогаш не било линеарно – било неуредно, смело, љубопитно и длабоко лично. Ова дело го доловува сето тоа. Тоа е повеќе од портрет; тоа е потсетник за тоа колку далеку сум стигнала и колку повеќе сум подготвена да создадам.












