– Во време кога се распаѓа светот во фрагменти на брзина, загуба на смисла и гласна безначајност, македонската современа уметност во Софија се претстави како сведоштво од длабочините на колективната меморија и визијата на новото време. И со такво длабоко возвишено чувство на почит, уметничка гордост и инспирација, настанот не беше само културна манифестација туку и чин на уметничко сведочење, на прекугранична духовна размена, на градење мостови преку моќта на сликата, симболот, гестот и на мислата – посочи Зоран Пејковски, директор на Културно-информативниот центар во Софија, на отворањето на изложбата „Простори на конјункција“
Mакедонската современа уметност проговори пред љубителите на уметноста во Софија, Бугарија, со моќен глас, преку изложбата „Простори на конјункција“, кураторски проект на: д-р Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска-Брзанова, кустоси во Националната галерија на Македонија. Со својата силна концептуална и визуелна енергија, оваа изложба ги исполни просториите на македонскиот Културно-информативниот центар во Софија, кој одбележува 20 години постоење, со духот на една современа, самосвесна, мислечка уметност.
– Во време кога се распаѓа светот во фрагменти на брзина, загуба на смисла и гласна безначајност, македонската современа уметност во Софија се претстави како сведоштво од длабочините на колективната меморија и визијата на новото време. И со такво длабоко возвишено чувство на почит, уметничка гордост и инспирација, настанот не беше само културна манифестација туку и чин на уметничко сведочење, на прекугранична духовна размена, на градење мостови преку моќта на сликата, симболот, гестот и на мислата. Со оваа изложба, Македонија не само што се претстави пред бугарската јавност туку и се вкорени како културен субјект што зборува преку уметноста, што гради идентитет не само во политички или историски рамки туку и преку формата на уметничкиот израз, преку етичката сила на современиот визуелен јазик. Изложбата „Простори на конјункција“ е деликатен и моќен простор на преклопување, каде што личното се среќава со колективното, интимното со општественото, локалното со глобалното… – посочува Зоран Пејковски, директор на Културно-информативниот центар Скопје.
Во рамките на изложбата се претставени дваесетмина македонски уметници, секој со свој уникатен визуелен ракопис, внатрешен универзум и со аналитичка сила, меѓу кои: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Георги Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето (постхумно), Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Александар Станковски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Иванчо Талевски, Марија Сотировска, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, Мариго Исеини и Кристијан Јовановски.
Нивните дела, како што велат кураторите, не се само естетски објекти туку и простори на дијалог, на сеќавање, на отпор и на разбирање.
– Преку медиумите како графика, фотографија, видеоарт, колаж, инсталација и цртеж, изложбата го трасира патот на македонската уметност низ современите прашања на идентитетот, историјата, телото, меморијата, миграцијата и границите. Како што пишува Лиотар, во ерата на постмодерноста големите наративи паѓаат, но токму затоа малите, искрени, автентични гласови стануваат важни. Уметниците на оваа изложба не се само хроничари туку и визионери, оние што го реконструираат нашето разбирање за светот. Нивната уметност не е бегство од стварноста, туку храбро соочување со неа. Во Софија, оваа изложба доби посебен сјај. Не само поради уметничкиот избор туку и поради начинот на кој беше пречекана со внимание, восхит и со почит. Како директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, со искрена културна визија, го отворив настанот, истакнувајќи ја важноста на културната дипломатија, како мост меѓу народите – додаде Пејковски.
Али Синани, директор на Националната галерија на Македонија, пак, го истакна значењето на презентирањето на македонската уметност надвор од државните граници. Маја Крстевска, виш кустос, како програмски раководител, ѝ даде глас на кураторската визија зад изложбата, а Горанчо Ѓорѓиевски, претставник на кураторскиот тим, сподели свои видувања за процесот на селекција и за концептите што стојат зад делата.
Тие сметаат дека „Простори на конјункција“ не е само изложба туку и територија на соочување, на препознавање, на поврзување.
– Таа е повик да не бидеме само гледачи туку и учесници во процесот на уметничко создавање, на критичко размислување, на културно градење. Таа нè повикува да ги изградиме мостовите не само како симболи туку и како живи патишта низ кои може да се движи духот на едно време, да комуницира, да се трансформира. Во едно време на фрагментирани реалности, македонската уметност, како што ја видовме во Софија, го носи потенцијалот да биде токму тоа: мост меѓу луѓето, културите, сенките и светлината на човечкото постоење – посочи Пејковски.
Настанот го поддржаа и Снежана Јовева, директорка на Државниот културен институт на Бугарија и македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска, со што се потврди силата на културната соработка и на духовната размена меѓу двете земји.
По повод 20-годишнината од македонскиот КИЦ во Софија, им беа доделени благодарници „Мостови на културата“ на тројцата гости од Националната галерија, Али Синани, Маја Крстевска и Горанчо Ѓорѓиевски, како симбол на признание за соработката и за претставувањето на македонската уметност пред меѓународната публика