Институтот за комуникациски студии (ИКС), во соработка со редакцијата на „Дојче веле“, со својата истражувачка сторија „Природата на продажба“ првпат јавно го докажа постоењето на онлајн илегалната трговија со македонската сивка во земјите на ЕУ. По објавата на сторијата, ИКС започна кампања за воведување на сивката на CITES – листата со загрозени видови, со што таа ќе добиеше меѓународна заштита. За жал, Министерството за животна средина и просторно планирање, како одговорна институција, ја одби соработката со ИКС, со што пропаднаа обидите за итна заштита на сивката

 

Новиот извештај „Украден свет“ објавен овој месец ги откри сите скриени начини на кои илјадници диви животни постојано се дел од шверцерски систем преку кој се пренесуваат од целиот свет низ, до и од Европа и другите територии во Европската Унија. Во овој извештај првпат се најде и македонската сивка – најзагрозената пеперутка во Европа.

Извештајот изработен од неколку меѓународни организации што се занимаваат со заштитата на животните од трговија и за добробит на дивиот свет, е посветен на еден посебен аспект од илегалната трговија на дивиот свет: различните начини на кои се злоупотребуваат дупките во законите на земјите што не се членки на ЕУ или, пак, земјите каде што постојат слаби системи за заштита на дивиот свет од кражба и трговија.

Нелегалните трговци ја користат слабата меѓународна заштита на видовите. Па така, иако, можеби, некои животни се заштитени во сопствената држава, штом ги напуштат границите, влегуваат во правна „сива“ зона, со што слободно може да се продаваат на слободниот пазар и токму таков е случајот со македонската сивка.

Македонија, поради својата положба, како земја што не е во ЕУ, но се граничи со држави од ЕУ и се наоѓа на т.н. медитерански шверцерски пат, често претставува земја за лесен транзит на дивите видови, поради слабата можност на државата да го следи овој криминал. Исто така, Македонија претставува и извор на видови за трговија, каква што е македонската сивка.

Во овој извештај, македонската сивка е единствениот случај на вид кој потекнува од Европа и со кој се тргува во ЕУ, со исклучок на видови што иако се легално дел од ЕУ, сепак, не се дел од континентална Европа.

Авторите на извештајот наведуваат дека слабата меѓународна заштита на видовите е главна, но не и единствена причина за оваа состојба. Голем дел од одговорноста секогаш лежи во националните институции, кои првично треба да водат грижа за националниот биодиверзитет.

Институтот за комуникациски студии, во соработка со редакцијата на „Дојче веле“, со својата истражувачка сторија „Природата на продажба“ првпат јавно го докажа постоењето на онлајн илегалната трговија со македонската сивка во земјите на ЕУ. По објавата на сторијата, ИКС започна кампања за воведување на сивката на CITES- листата со загрозени видови, со што таа ќе добиеше меѓународна заштита. За жал, Министерството за животна средина и просторно планирање, како одговорна институција, ја одби соработката со ИКС, со што пропаднаа обидите за итна заштита на сивката.

Во јуни, Институтот за комуникациски студии (ИКС) иницираше петиција за вклучување на македонската сивка (Pseudochazara cingovskii) во анекс 1 на конвенцијата CITES за да се спречи нејзиното исчезнување поради нелегалната меѓународна трговија.

ИКС и германската организација „Pro Wildlife“ упатија писмо до македонските институции, со барање Македонија формално да поднесе предлог до CITES најдоцна до 27 јуни, пред конференцијата на страните (CoP20) што ќе се одржи во Самарканд, од 25 ноември до 5 декември 2025. Вклучувањето на овој вид во анекс 1 на конвенцијата CITES ќе овозможи: забрана за меѓународна трговија, поддршка за национални и гранични контроли и подигнување на свеста за заштита на видот на глобално ниво.

Карпестите ридови на Плетвар се единствениот дом на овој редок вид пеперутка. Името потекнува од бојата на нејзините крилја, особина што ја користи за да стане помалку видлива за предаторите. Последното истражување на терен, направено во 2012 година од тим на национални и меѓународни ентомолози, покажало намалување на популацијата на македонската сивка до 30 %. Во студијата, докажано е дека 5 од 7 локации означени како дом на сивката се претворени во каменоломи за мермер. Но, има уште еден, помалку видлив непријател на оваа ретка пеперутка. За изненадување, доаѓа во форма на пријател – љубител на пеперутки. Посетителите што на лето минуваат низ Плетвар, се воодушевуваат од природата и ја фотографираат, но, сепак, неретко ја ловат македонската сивка и потоа, во форма на препариран трофеј, ја поставуваат на Интернет за продажба. Во неколку европски земји има трговски друштва – домаќини на веб-страници на кои може да се купи примерок од една од најретките и најзагрозени пеперутки во Европа за околу 30 евра.

Тимот на Дома, заедно со соработниците од „DW Europe“, ги нарача овие примероци преку Интернет и лабораториски го процени времето на нивното заловување. Во 2011 година, сивката стана заштитена со закон во Македонија, со што се забрануваат нејзините лов, шверц и продажба. Сепак, овој закон не се почитува. Истражувањето за тоа кој е одговорен за кршењето на овој закон и зошто е неказнета продажбата на овој заштитен вид на европските пазари за инсекти е основа на филмот „Природа на продажба“. Целиот проект е финансиран од „European Journalism Fund“.

ИЗДВОЕНИ