Ревијата „Стрип-креатор“ бр. 38, издание на Македонскиот стрип-центар Велес, а финансирана од Министерството за култура и туризам на Македонија, е едно од седумте списанија што ќе бидат претставени на годинашниот фестивал „Supertoon“ во Шибеник, Хрватска. Тие се избрани во конкуренција на 21 пристигнато стрип- списание од разни држави од Европа и пошироко, по претходно објавен повик. Во потесната категорија се и изданијата: „OHOHOzine“, „Стрип-префикс“ и „Ирационалист“ од Хрватска, „Рас комик“ од Србија и „Винтарт“ и „Вирџина“ од Црна Гора.
Како што информира Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот, овој фестивал е специфичен бидејќи е насочен кон стрип-изданијата. Освен во категоријата стрип-списанија, беше објавен и јавен повик за стрип-книги и за стрип-фанзини. И таму конкурираа голем број изданија од разни земји.
И Трајков ќе присуствува на фестивалот, кој ќе се одржи од 21 до 25 јули и на кој ќе бидат прогласени најдобрите стрип-изданија.
Трајков ќе организира панел-промоција за македонската стрип-сцена, а не помалку важни се и неформалните стрип- контакти со другите гости на фестивалот.
Како што наведува тој, со ова се отвора уште еден пат за меѓународна стрип-комуникација на македонските стрип- издавачи.