Средба со популарниот Влатко Миладиноски пред големиот солистички концерт во арената „Борис Трајковски“
„Секогаш се трудам да ја популаризирам нашата македонска песна каде и да настапувам, затоа што вреди. На пример, на моите настапи во странство, нашата песна брзо им станува омилена и на Србите, и на Хрватите, и на Босанците, па дури и на Словенците, а сите тие доаѓаат да ме слушаат со своите пријатели Македонци. Тоа го тврдам со исклучителна искреност“
Во пресрет на големиот концерт на популарниот македонски пејач Влатко Миладиноски, и на неговиот брат Златко, кој ќе го следи со својот оркестар, што ќе се случи на 28 декември во Скопје во арената „Борис Трајковски“ (во организација на „Прагма продукција“), имавме чест одблиску да се дружиме и да муабетиме со овој исклучителен музичар. Тој и како човек е исклучителен, природен и опуштен, без трошка ароганција, со сите свои позитивни карактеристики кои го прават да биде приземен, нормален, комуникативен. Кој би кажал за него дека е естрадна ѕвезда и дека има огромен број обожаватели, а особено меѓу жените! Никогаш не е умислен и секогаш е достапен за новинарите, колку и да е преморен од настапите или од патувањата. Секоја чест! Концертот во арената „Борис Трајковски“ доаѓа по фантастичните концерти, кои Влатко ги имаше оваа пролет во МОБ и летово во Охрид, во преполниот Антички театар. Секако, да не ја заборавиме и големата премногу успешна неодамнешна турнеја на браќата низ далечната Австралија. За таа турнеја, Влатко има само пофални зборови. И фантастични впечатоци.
– Вистина е дека Австралија е географски многу далеку од Македонија, дека патувањата со авионите преморува, но тој континент треба да се види, да се доживее барем еднаш во животот. Особено затоа што таму живее огромен број наши сонародници Македонци, кои секогаш толку искрено се радуваат и доаѓаат на моите настапи. А, кога ќе им ги запеам оние патриотските од типот на неповторливата „Велат, нè нема“, останувам без коментар од самата глетка која кај мене предизвикува неброено многу емоции, вели добро расположениот Влатко.
Но, со текот на времето, Влатко ги научи и оние, неизбежните естрадни лекции во кои, по некое непишано правило, сè е објаснето, како одат тие нешта со седмата сила. По повод споменатиот концерт, Влатко (и Златко) направија одлична боемска седенка (буквално по примерот на светските ѕвезди), со нас, новинарите, на која имавме можност да уживаме во неговото бисерно пеење во живо, но и во спонтаните муабети со него. Затоа уживајте и вие додека читате.
Миладиноски потекнува од убавото Кичево, каде што пораснал и го заврши основното и средното образование, а во Битола и Музичкото училиште. Свири на повеќе инструменти, како што се: пијано, тамбура, гитара. Потоа, се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а последната година студиите ги завршува на Музичкиот факултет во Штип. Влатко, во музиката, совршено функционира заедно со неговиот брат Златко кој е постар две години и е магистер по музика и свири на хармоника. Еден од неговите најголеми хитови е токму тој, „Велат, нè нема”, песна со која победи на патриотскиот фестивал „Гоце-фест“. Талентот за музиката го наследил од родителите Миливој и Никодинка. Всушност, тој доаѓа од големото музичко семејство преполно со познатите имиња. Неговите први братучеди се пејачите Дарко и Дамјан, а Дамјан е инаку син на легендарниот Војо Стојаноски. Така што сега сè ви е сосема јасно! А, токму македонската песна е неговиот знак на препознатливост.
– Секогаш се трудам каде и да настапувам да ја популаризирам нашата македонска песна, затоа што вреди. На пример, на моите настапи во странство, нашата песна брзо им станува омилена и на Србите, и на Хрватите, и на Босанците, па дури и на Словенците, а тие доаѓаат да ме слушаат со своите пријатели Македонци. Сите тие знаат и го почитуваат тоа што сум горд Македонец, свој на своето. Тоа го тврдам со исклучителна искреност, вели расположениот Влатко.
За целото време додека течеше оваа мераклиска повеќечасовна дружба со новинарите, на популарниот пејач друштво му правеше неговата згодна сопруга, Христина. Иако Влатко грижно ја чува својата приватност од љубопитните, сепак, не можевме да одолееме и да не ги сликаме заедно, и да не дознаеме некои мали убави работи за нив двајцата.
– Со Христина се запознав во Охрид, така што Охрид ни стана нашиот омилен град и за прошетки, и за летувања, и за моите настапи. За тоа каков сум како сопруг не би знаел точно да одговорам, мојата Христина го знае тоа подобро од мене (се смее)… Најважно од сè е дека сме среќни родители на нашите две принцези Илина и Андреа. Ги воспитуваме патријархално и со многу љубов кон татковината Македонија. Тие се веќе вљубени во македонската народна и патриотска песна. Ги слушаат не само моите песни туку и песните на моите естрадни колеги и колешки. Тоа и мене и Христина нè прави многу горди!
Влатко е горд и на своето кичевско потекло, кое секогаш го истакнува. Во тој град си доаѓа секогаш кога има слободно време. – Во Кичево сум почесто преку лето, а особено со задоволство престојувам во нашата семејна викендичка каде што можам да бидам далеку од светлината на сцената. Да ги испијам на раат првото утринско кафе или чај, пополека да се будам со пеењето на птиците. И да го почувствувам оној мирис на природата околу мене која со зборови не се опишува, а која во градот е само мислена именка. Но, пред сè и над сè, на сите им посакувам многу здравје, многу љубов и многу весели денови во Новата 2026 година. Дуле МИЌИЌ












